Досега имаме седум стратешки инвестициски проекти, сите за струја од сонце и ветер
Фотоволтаичните електрани во Јамуларци и Скандалци ќе имаат вкупен капацитет од 280 мегевати, а вредноста на инвестицијата изнесува 184 милиони евра.
Поранешниот премиер Зоран Заев потпишал четири владини одлуки за стратешки инвеститори на земјава, додека, пак, првиот вицепремиер за политички систем Артан Груби го ставил својот потпис на три такви одлуки.
Така што, досега се донесени вкупно седум одлуки за прогласување на стратешки инвеститор на територијата на земјава, и сите се во енергетската област. Тоа го покажуваат податоците кои ги објавила Владата на својата веб страница, наведувајќи ги седумте одлуки за стратешки инвестиции. Последната одлука е донесена на крајот на декември минатата година.
Оттогаш наваму не е донесена одлука за прогласување на стратешки инвеститор во земјава. Тоа значи дека премиерот Димитар Ковачевски се уште нема потпишано еден таков капитален преоект, или ако такво нешто се случило, со таа информација се уште не е ажурирана владината веб страница.
Овие одлуки се одобрени врз основа на Законот за стратешки инвестиции. Но, како што предвидува самиот тој закон, и конкретно за секој стратешки инвестициски проект треба да се донесе посебен закон во Собранието. Такво нешто досега не се случило, за да почне реализацијата на овие проекти.
За два од овие проекти нема податоци за тоа колку ќе изнесува нивната вредност, а пет од нив се проценува дека ќе донесат вкупни инвестиции од 1,07 милијарди евра, барем според најавите кога се направија нивните јавни промоции.
На 29 декември лани во Службен весник е објавена одлуката на Владата донесена на седница ден претходно, со која проектот „Фотоволтаични електрани во КО Јамуларци и КО Скандалци“ на фирмата Друштво за производство и промет со електрична енергија од обновливи извори Промарк Енерџи ДООЕЛ Скопје, со седиште во Скопје, се утврдува со статус на стратешки инвестиционен проект.
Инаку, оваа фирма се пријавила на владиниот јавен повик кој бил објавен се до јануари ланската година. Всушност, сите огласи што ги објавува Владата за стратешки инвестициски проект важат до јануари во тековната година, по што повторно се објавува нов оглас кој трае една година.
Како што тогаш објавила владината прес служба, фотоволтаичните електрани во Јамуларци и Скандалци ќе имаат вкупен капацитет од 280 мегевати, а вредноста на инвестицијата изнесува 184 милиони евра.
Оваа последна засега објавена одлука за прогласување на стратешки инвеститор е потпишана од поранешниот премиер Зоран Заев, кој од стартот на годинава се повлече од функцијата, поради, како што рече, лошиот резултат остварен на локалните избори.
Само неколку дена претходно, на 13 декември лани во Службен весник на земјава е објавена владината одлука за утврдување со статус на стратешки инвестиционен за проектот „Хец Солар“ на правното лице Друштво за производство, трговија и услуги „Хек Солар МК ДООЕЛ“ од Скопје. И на оваа одлука свој потпис ставил поранешниот претседател на Владата, Зоран Заев.
ХЕК Солар МК ДООЕЛ Скопје, како што беше соопштено, ќе инвестира во изградба на фотонапонска електрана со јачина од 70 мегавати, и со вредност од 53 милиони евра.
Уште една одлука за стратешки инвестициски проект била донесена во истиот месец, односно декември, и на истата владина седница. Со неа проектот „Грид-тиед солар плант“,на компанијата Друштво за производство, трговија и услуги „Ринуабл Пауер Интернатионал ДООЕЛ“ од Скопје, добил статус на стратешки инвестиционен проект, исто така по објавениот јавен повик заклучно со јануари лани. Зоран Заев го потпишал и овој капитален проект.
Станува збор за инвестиција во фотонапонска електрана со јачина од 85 мегавати.Соларната електрана на стратешкиот инвеститор вредна 63 милиони евра ќе биде изградена во Општина Делчево.
Првиот вицепремиер, пак, Артан Груби, во ноември лани ја потпишал одлуката за прогласување на стратешки партнер на проектот „Соларен парт Стипион“ на правното лице Друштво за производство на електрична енергија „Остро Солар ДООЕЛ“ од Скопје.https://faktor.mk/zaev-potpishal-chetiri-grubi-tri—dosega-imame-sedum-strateshki-investiciski-proekti-site-za-struja-od-sonce-i-veter