Синдикатите на протест: Се бара минимална плата од 600 евра и зголемување на сите плати за сто евра
Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) денеска попладне во 17 часот излегува на протест, на кој ќе го повторат своето барање за минимална плата од 600 евра и зголемување на сите други плати за сто евра.
На протестот, според најавите, се очекува да се приклучат синдикатите од образованието, културата, медиумите, индустријата, трговијата, полицијата и од други сектори. Протестот ќе почне пред Работничкиот дом, односно зградата на ССМ, а ќе заврши пред Владата.
Претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов, во неделата преку отворено писмо порача дека протестот е одговор на ниските плати и тешката економска состојба на работниците.
„28 јануари е денот кога зборуваат работниците! Овој протест е за твојата плата, затоа што не стигнува од први до први. Кој ќе протестира за твојата плата ако не ти? Ако не излезме на улица, значи дека се согласуваме со сиромаштијата“,
напиша тој.
Премиерот Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на новинарско прашање во врска со протестот и барањата на ССМ, изјави дека минималната плата законски се зголемува во март.




