вестиМакедонијаТоп вести

 Државното земјоделско земјиште ќе оди на продажба

Планирано е да се приберат 200 до 300 милиони евра во следните три години од продажбата на државната земја

По енергетиката земјоделството е вториот клучен сектор од кој државата очекува да ја извлече економијата во пост корона периодот. Ова го истакна премерот Заев на дебатата поврзана со предлог буџетот за 2021 година. Тој посочи дека покрај плановите за продажба на државен имот и компании една од позначајните мерки кои треба да донесат пари во буџетот е ставката околу продажбата на државното земјоделско земјиште.

-Кризата треба да ја гледаме како можност. Земјоделството има сериозен потенцијал за раст во државата. Според анализите државното земјоделско земјиште според пазарните цени е во вредност повеќе од 2 милјарди евра. Најголемите приходи ги очекуваме од продажбата на државното земјоделско земјиште и тоа околу 20% до 30% во следните три години што се околу 200 до 300 милиони евра рече премиерот Зоран Заев.

Поранешниот министер за финансии смета дека треба да се преиспита одлуката за продажба на државното земјоделско земјиште нешто што досега изминативе триесет години сите влади претходно категорично го одбиваа. На сличен став се и дел од агроекономистите. Според нив обработливите оранични површини од кои произведуваме храна се ограничени и треба повеќе да се грижиме за државното земјоделско земјиште наместо лесно да го распродаваме.

-Македонија од вкупната површина половината е под шуми и пасишта а на обработливо отпаѓаат не повеќе од 500 илјади хектари. Се работи за ограничен ресурс кој треба целосно да биде ставен во функција на производство на храна за населението. Од неколку аспекти сум против плановите за продажба на земјоделското земјиште но ќе спомнам само неколку. Македонија има една системска слабост а тоа се малите производни површини. Поголемиот дел од површините за производство на храна, односно околу 70%, се на индивидуалните земјоделски стопанства кои располагаат во просек со по 2 хектара но и тие се расцепкани на помали ниви од по 2 декара. Донесен е закон за консолидација на земјиштето и во тој процес клучна улога треба да одигра државното земјиште кое најчесто е во големи блокови каде може да се употребува современа механизација. Сигурно ќе има интерес да се купат големите блокови кои со години се создавале. Доколку некој странски инвеститор ги купи и на нив произведува храна таа првенствено ќе биде наменета за нивниот пазар а постои опасност и воопшто да не се произведува храна на тие ниви. Инвеститорот воден од бизнис интересите може да произведува култури за био дизел или етанол. На овој начин како држава остануваме со намалено производство на храна од и онака ограничените ресурси за производство, смета професор Драги Димитриевски агроекономист од факултетот за земјоделски науки и храна од Скопје.

Од владата сметаат дека ставањето во функција на било кој ресурс со цел економски раст не е нешто ново само треба да се има јасна стратегија.

-Ние подолго време работевме на ова и увидовме дека имаме потенцијал кој треба да се искористи а тоа е слободното земјоделско земјиште. Луѓето не треба да стравуваат и не треба да гледаат на ова како на едно кратен прилив во буџетот бидејќи ние сакаме сериозно да влеземе во прехранбената индустрија каде имаме недостаток. Условите ќе бидат јасни, под кои критериуми ќе може да се купи земјата и за што треба да биде искористена рече вицепремиерот задолжен за економски прашања Фатмир Битиќи.

Идејата околу продажба на државното земјоделско земјиште како природен ограничен ресурс не е нова. Во средината на 2013 година дури се донесе и закон за продажба но досега не се отиде толку далеку да веќе се планира за скоро време да ја видима и првата продажба и условите под кои ќе се нуди државното земјиште.

З.Б.

Слични написи

Back to top button
Close