Државата дава надомест на трошоци за оддржување на пасишта и ливади и поддршка на традиционално овчарство
Надоместок на трошок за овчари и сточари
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги известува сточарите, дека Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој го објави повикот за поддршка за исплатена нето – плата за чување и напасување на добиток.
Како корисници на оваа мерка се јавуваат земјоделските стопанства регистрирани во Единствениот регистар на земјоделски стопанства при МЗШВ.
Поддршката која се дава преку оваа мерка е во висина од 100% од просечна месечна нето плата во дејноста од период 01.01.2022 до 31.12.2022 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасиште (вклучително и ливади) кое се наоѓа во населени места со надморска височина поголема од 700 метри, односно регистрираните одгледувалишта каде се одгледува добитокот да се наоѓаат во населени места со надморска височина поголема од 700 метри и во висина од 60% од просечна месечна нето плата во дејноста од период 01.01.2022 до 31.12.2022 година, како трошок за чување и напасување на добитокот (овци, кози и/или говеда) на пасиште (вклучително и ливади) кое се наоѓа во населени места со надморска височина под 700 метри односно регистрираните одгледувалишта каде се одгледува добитокот да се наоѓаат во населени места со надморска височина помала од 700 метри.
Максималната вредност на прифатливи трошоци е не повеќе од 360.000 денари по вработено лице, најмногу за 20 вработени лица. За над 10 вработени лица, поддршката се намалува за 50%.
„Ги информираме сточарите дека крајниот рок за доставување на барањата е до 20 декември 2023 година. Своите барања за исплата пополнети заедно со целокупната потребна документација треба да се достават до Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, преку пошта или лично во писарницата на Агенцијата“, велат од МЗШВ.