Две минимални плати не можат да ги покријат основните животни трошоци
Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека за основните месечни потреби на едно семејство му се неопходни 34.342 денари
Минималните трошоци на едно четиричлено семејство во август се зголемени за 214 денари во однос на јули. Сојузот на синдикати на Македонија пресмета дека за основните месечни потреби на едно семејство му се неопходни 34.342 денари, а доколку во семејството има барем еден ученик, тогаш трошоците се зголемуваат за околу осум илјади денари.
Најмногу пари, според пресметките на ССМ, се трошат за храна и пијалоци (14.633 денари) и за плаќање на режиските трошоци (10.818 денари). За лична хигиена, минималните трошоци изнесуваат 2.382 денари, а за превоз минимум се потребни 2.529 денари.
Посебен товар за граѓаните е и почетокот на учебната година. Минимално за ова, според ССМ, би се потрошиле осум илјади денари само за еден ученик.
Пораст на трошоците на живот евидентира и Државниот завод за статистика. Според објавените податоци за август, пораст е забележан кај зеленчукот за околу 15 проценти, кај сирењето и урдата за 1,1 процент, кај месото за 0,9 проценти, лебот и житата за 0,7 проценти и кај млекото за 0,6 проценти.
– Ако со ваков интензитет продолжи зголемувањето на трошоците на живот, тогаш ниту три минимални плати не би биле доволни да го достигнат растот на синдикалната минимална кошница, оценуваат од ССМ и предупредуваат дека ако продолжи минималната плата да стагнира односно да се усогласува без да бидат прифатени забелешките од синдикатите, ќе има тренд на осиромашување на населението.
ССМ извесен период бара минималната плата да изнесува најмалку 60 проценти од просечната плата, а при последното усогласување во март годинава побара да не се земе предвид падот на Бруто домашниот производ како еден од трите параметри за усогласувањето, но нивниот предлог не беше прифатен.
– Поради се поевидентното зголемувањето на цените, очигледно е дека ни треба плата за живот со која како работници, без да се грижиме за нашата егзистенција, ќе можеме да си ги овозможиме најмалку трошоците во висина на една синдикална потрошувачка кошница со само една плата, посочуваат од ССМ во изјавата за МИА.
Од ресорното Министерство за труд и социјална политика, пак, укажуваат дека во изминатиот период се бележи пораст на платите во државата. Повикувајќи се на официјалните статистички податоци за јули годинава посочуваат дека нето платата е зголемена за 1.309 денари во однос на јули минатата година.https://nezavisen.mk/dve-minimalni-plati-ne-mozhat-da-gi-pokrijat-osnovnite-zhivotni-troshoci/