Еден месец по воведувањето на новата интервентна мерка, откупена е една третина од индустриското јаболко
Министерството за земјоделството, шумарство и водостопанство денеска информираше дека изминатиот период презема серија мерки за развој на овоштарството, вклучително и за производството на јаболка. Со цел производителите на јаболка да имаат рентабилно производство, Владата воведе нова интервентна субвенција за производителите на јаболка. Конкретно, производителите на јаболко кои ќе го предадат своето производство кај регистрирани откупувачи кои вршат извоз, ќе добијат субвенција од 3 денари за килограм предадени јаболка.
Владата ја донесе оваа одлука со цел да им се излезе во пресрет на производителите на јаболка особено во преспанскиот регион, кои претрпеа големи штети врз производството поради временските непогоди, поради што има оштетување на родот што директно влијае на економската вредност на јаболкото.
По еден месец од воведувањето на новата интервентна субвенција за производителите на јаболка, е откупена една третина од индустриското јаболко.
Дополнително, во годинешната Програма за финансиска поддршка во земјоделството, за 20 отсто се зголемени субвенциите за одржување на овошни насади за земјоделците со развоен потенцијал. За реконструкција кај овошните насади, особено кај јаболката за промена на асортимент, се воведе нова поголема субвенција од 9.900 денари. За промена на производство од житни во овошни култури, земјоделците ќе добијат 30 отсто повисока субвенција по хектар. Оваа година субвенцијата за предадено овошје во преработувачки капацитети за овошје е зголемена од 2 на 3 денари за килограм. Последната интервентна мерка, петта, која Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја носи за овоштарството.
Паралелно МЗШВ заедно со Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој работи и на создавање на услови за ефикасна искористеност на мерките од ИПАРД 2 Програмата, кои вклучуваат инвестиции во преработувачки капацитети. Токму инвестирањето во преработувачките капацитети е важно за сигурен и непречен откуп на јаболката и заокружување на производството со финални производи со поголема додадена вредност.
Само за еден повик за ИПАРД 2 во кои спаѓаат и мерките за преработувачки капацитети има склучено 937 договори со вредност од 16,4 милиони евра.