вестиМакедонијаТоп вести

Сугарески – Танасоски: Од утре нови процедури за влез и излез од земјата за транспортните компании

Транспортот на стока се нормализира, воведени се и нови процедури за превоз на стока како во домашниот така и во меѓународниот транспорт согласно настанатата состојба, информираа денеска на прес-конференција министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески и директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски.

Министерот Сугарески информираше дека е постигнат договор со сите надлежни институции за тоа дека, секоја транспортна компанија за влез и излез од земјата од утре мора да поседува дозвола која се однесува на професионални возачи на товарни возила а која ќе ја издава Државниот здравствен и санитарен инспекторат.

„Овие нови процедури се воведуваат за непречено одвивање на меѓународниот транспорт на стока.  За да нема застој,  ги упатуваме транспортните компании дозволите да ги вадат и преку Асоцијациите на транспортери. Исто така утврдени се и нови процедури за постапување во синџирот на утовар – растовар и превоз на стока во внатрешниот сообраќај. Овие процедури се однесуваат на работењето на магацинските делови за прием и испорака на стока, на царинските и граничните премини, на шпедитерските услуги и директно на возачите што го вршат превозот на стока во внатрешниот и меѓународен сообраќај”, изјави министерот за транспорт и врски Горан Сугарески.

Министерот потенцираше дека на компаниите на располагање им стои и целиот капацитет на железнички транспорт. Тој информираше дека запазени се сите мерки и ограничувања во делот на превозот на патници.

Во однос на градежниот сектор, министерот истакна дека се очекува намалување на градежната активност заради настаната состојба, но и дека нема голем застој во реализација на капиталните проекти.

Директорот на Царинската управа информираше дека движењето на стока продолжува непречено да се спроведува и дека се преземени сите  мерки за олеснување на царинските постапки.

„Имено, за времетраење на полицискиот час дозволено е движење на транспортни средства во рамките на транзитна постапка со транзитен придружен документ Т1, извоз на стоки со извозен придружен документ EXMK, како и заедничко извозно транзитна постапка.  Превозниците кои се движат во рамките на поедноставена постапка во транзит и поедноставена постапка, при локално царинење увоз не смеат во никој случај да ја напуштат одобрената локација за времетраење на полицискиот час. Ова ослободување од ограничување важи за царинските испостави: Табановце, Блаце, Деве Баир, Ќафасан, Делчево, Ново Село, Богородица и Меџитлија. Во рамки на ЦЕФТА, заедно со Транспортниот секретаријат на ЕУ и Европската комисија се договараат протоколи за лесно и безбедно движење на стоките. Договорено е воведување на размена на информации пред пристигнување и соодветно  зелен и син канал за побрз проток на определени стоки и олеснување на транспорт”, изјави директорот на Царинската управа, Ѓоко Танасоски.

Тој истакна дека како дополнителни мерки за олеснување на царинското работење по предлог на Министерството за економија и на Царинската управа ќе се донесе  одлука за ослободување на плаќање на царина за средства за дезинфекција, заштитни маски и ракавици, заштитни очила, медицинска опрема.

Слични написи

Back to top button
Close