ЕK продолжува со поддршката за производителите на овошје и зеленчук
Мерките за поддршка на секторот за производство на овошје и зеленчук во Европската Унија ќе бидат продолжени до јуни 2017 година. Ова го соопшти комесарот за прашањата на земјоделството Фил Хоган, цитиран од прес-центарот на Европската комисија.
Мотивот за продолжување е „новата пазарна ситуација“, вели Хоган.
Двата сектора добија поддршка во 2014 година, кога Русија забрани увоз на храна и земјоделски производи од ЕУ. Тогаш Брисел одлучи да го намали притисокот врз пазарите, предизвикан од количествата овошје и зеленчук, кои пред тоа наоѓаа пазар во Русија.
Мерките предвидуваат откуп на производи, а опфатени се домати, моркови, пиперки, карфиол и брокула, краставица, печурки, јаболка, круши, сливи, грозје, цитруси, праски, цреши и други плодови.
Од 2014 година досега ЕУ додели 280 милиони евра, со што се компензирани 1,13 милион тони овошје и зеленчук.
Затворањето на рускиот пазар натера повеќето фармери во заедницата да побараат реализација на својата продукција на нови пазари. Статистиката покажува дека извозот на овошје и зеленчук во трети земји, односно надвор од ЕУ, порасна за 4 отсто. Распределбата, сепак, не е рамномерна меѓу сите земји од блокот.