Електронското аплицирање добро прифатено од земјоделците
Исплатата на субвенциите се одвива тековно согласно календарот кој е во самата програма, а досега се исплатени 3,6 милијарди денари. Со воведувањето на електронското поднесување на апликациите има поголема ефикасност и во поднесувањето и во исплатата на субвенциите, велат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој.
Неделава ќе продолжи исплатата на субвенциите на земјоделците, која поради распишувањето на изборите беше привремено запрена. Средства за исплата на преостанатите субвенции се обезбедени, а досега за оваа намена се исплатени 3,6 милијарди денари, велат од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој. Оттаму потврдуваат електронското аплицирање за субвенции добро е прифатено од страна на земјоделците и дека се одвива без поголеми проблеми.
Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека Платежната агенција ги потпишува налозите и ги доставува до Министерството за финансии, кое потоа им ги исплаќа парите на трансакциските сметки на земјоделците. Тоа практично значи дека субвенциите продолжуваат да се исплаќаат, а земјоделците ќе ги добијат парите во најкраток можен рок, односно откако ќе заврши процедурата.
Според податоците на Агенцијата досега се пристигнати 40.000 апликации за субвенции, а обично на годишно ниво се примаат по околу 75.000. Рокот за аплицирање е до крајот на овој месец.
Исплатата на субвенциите се одвива тековно согласно календарот кој е во самата програма, досега се исплатени 3,6 милијарди денари. Со воведувањето на електронското поднесување на апликациите има поголема ефикасност и во поднесувањето и во исплатата на субвенциите, велат од Агенцијата. Оттаму потврдуваат дека електронското аплицирање за субвенции добро е прифатено од страна на земјоделците и дека се одвива без поголеми проблеми.
Со ваквиот начин на пријавување, Агенцијата се приближи комплетно кон работата на европските платежни агенции, а истовремено се намали и метежот во подрачните единици на МЗШВ што беше случај во изминатите години каде се поднесуваа барањата.
– Ние им стоиме на располагање на земјоделците, како во однос на начинот за аплицирање за добивање на субвенциите, така и за добивање на информации за нивниот предмет. Годинава за прв пат имаме електронско аплицирање за субвенции, кое засега одлично се одвива. Исто така, ќе се доделуваат и субвенции за млади земјоделци, за подигање на лозови насади, за набавка на земјоделска механизација, рече директорката на Агенцијата, Билјана Вуковиќ.
Освен поедноставно аплицирање за земјоделците, со електронско апликацирање се олеснува работата и на Агенцијата. Податоците побрзо стигнуваат до Агенцијата, а и обработката е поедноставна.
– И досегашниот начин ќе остане, но со електронскиот систем ќе овозможиме навреме да заврши пријавувањето, а исплатите ќе бидат во рокот за исплати. На ваков начин Агенцијата ги добива податоците обработени, а тоа дозволува да се вршат контроли и калкулации, да се завршат и исплатите и да бидат во рокот за исплата на субвенции, вели Вуковиќ.
Агенцијата ги имплементира земјоделските субвенции од 2008 година, а со ИПАРД-програмата работи од 2009 година. За субвенции последните години се издвојуваат над 100 милиони евра, а тој износ секоја година се зголемува.
Според одредените мерки во програмата, генерално се исплаќа за растително производство, за сточарско, како и за предадено производство во преработувачки капацитети за овошје и зеленчук и за предадено млеко.
Агенцијата работи строго по правила во програмата, подзаконските акти и по Законот за земјоделство и рурален развој. Исплатите како што се реализираат така се објавуваат на интернет-страницата на Агенцијата, и тоа по програми, како за европските средства, така и за буџетските средства од националната Програма за рурален развој.