fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Аграрна реформа за повеќе храна

Дополнителна поддршка е предвидена и за земјоделците што од своето производство создаваат финален производ за продажба.

Владата најавува длабоки реформи во земјоделството од наредната година

Македонските земјоделци со доза нетрпение и неизвесност ја пречекуваат новата земјоделска реформа, која се најавува од следната година, кога за овој сектор од буџетот на државата се проектирани вкупно 193 милиони евра, што е за 45 милиони евра повеќе во однос на претходната година, пишува Нова Македонија .

Најголем дел од средствата односно 140 милиони евра се наменети за Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој, од кои 114 милиони евра за да се спроведе најголемата реформа во овој сектор – промена на моделот на субвенционирање. Со овој модел се предвидува авансна и навремена исплата на субвенциите, за да можат земјоделците навреме да се подготвуваат за новата производствена сезона. Дополнителна поддршка е планирана за оние земјоделци што ќе инвестираат во производство на стратегиските култури. Ова се главните поенти од големата земјоделска реформа што беше најавена од Владата, а која треба да се реализира преку европскиот модел за распределба и исплата на субвенциите. Според овој модел земјоделците ќе добиваат авансна исплата на субвенциите, за да можат навреме да се подготват за новата производствена сезона, да можат да вложуваат во модернизирање и зголемување на производство. Дополнителна поддршка ќе добиваат оние земјоделци што ќе се насочат кон производство на стратегиските култури, со користење сертифицирано семе, и производот ќе го предадат кај регистрирани капацитети или земјоделски задруги. Дополнителна поддршка е предвидена и за земјоделците што од своето производство создаваат финален производ за продажба,
Сепак од земјоделските здруженија имаат забелешки на авансната исплата на субвенциите, за што, како што велат земјоделците, за да го добијат главниот дел од парите се условени да им го дадат производството за многу ниски цени на откупувачите. Притоа не се предвидени и заштитни механизми, како активирање стоковни резерви или загарантирани откупни цени под кои ако се откупува, би се вршела доплата на разликата. Потсекторската група за градинарство за ваквиот нов модел имала сериозни забелешки дека нема развојна цел, но сепак се донел од страна на Министерството. Покрај ова, земјоделските производители сметаат дека во буџетот за 2023 година нема предвидено средства како да се реши проблемот со пласманот на домашното земјоделско производство. Во новиот буџет, според нив, пари за стоковни резерви има само за пченица и јачмен, а интервентниот фонд е преполовен, па не може да се надеваат на исплата на разлика во цена туку се оставаат на милост и немилост на откупувачите.

– Земјоделците се соочуваат со високи цени на вештачките ѓубрива и препарати, а моменталните откупни цени не се доволни да ги покријат основните трошоци на производството. Нема пари за исплата на заостанатите субвенции, нема пари за инвестиции во земјоделството. Проблемот со редовното наводнување на посевите е сѐ уште присутен. Доцнат и исплатите на штетите од временските непогоди во изминативе неколку години. Земјоделците од Стајковци, од Ресен, од Тиквешијата, од цела Македонија и по пет години чекаат субвенции и надомест на штети на своите посеви и насади. Секојдневно сме изложени на повисоки цени на репроматеријалите, а од друга страна пазарот е преплавен со увозни производи – велат земјоделците.
Од Министерството за земјоделство беше претставен земјоделскиот буџет за 2023 година, кој треба да обезбеди „одржливо и зголемено домашно производство на храна, капитални инвестиции и модернизација на македонското земјоделство“. Наредната година се продолжува со реализацијата на Планот за производство на храна, заедно со Интервентната програма, кои ќе се дополнуваат со нови мерки за помош на земјоделците и за зголемување на домашното производство на храна во услови на криза. Главен акцент ќе се стави на капиталните инвестиции во земјоделството, односно на системите за наводнување. Во првиот квартал на следната година се очекува да биде пуштена браната Конско, која почна да се гради пред три и пол години, а за чија реализација беа потребни четириесетина милиони евра. Следната година завршува и изградбата на хидросистемот Равен-Речица, во вредност од 15 милиони евра, а продолжува и изградбата на браната Речани.
Како дел од земјоделската реформа се најавите за изградбата на двата откупни центра во Струмица и Ресен и на платформата „Агрофуд“ во Скопје, како и поддршката за малите винарници, младите земјоделци и жените земјоделци.

– Во 2023 година храна ќе има доволно со зголемена површина, со сите нови мерки, со сите нови програми, со авансната и навремена исплата на субвенции. За новиот модел на субвенционирање е разговарано со сите релевантни земјоделски здруженија и со него не се намалуваат субвенциите. Ставаме ред, ги елиминираме недостатоците или неправилностите што се констатирани. Последните состаноци се одржуваат и оваа и претходната недела и со нив заедно зборуваме за кој било дел од реформата. Поединци што биле погодени од тоа што земале на некој начин субвенции, а не произведувале или се наоѓаат во елиминирањето на манипулациите што досега можеби биле научени да ги прават, не се земјоделците што произведуваат храна и кои домаќински и вредно работат во македонското земјоделство – изјави министерот за земјоделство Љупчо Николовски. https://novamakedonija.com.mk/

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close