вестиМакедонијаТоп вести

Есенската  сеидба се реализира во оптимални услови, но за добри приноси потребна е дополнителна влага

Оваа есен земјоделците  во Македонија имаа оптимални услови за спроведување на есенската сеидба. Температурата на воздухот и почвата беа оптимални  за посеаното семе. Квалитетен семенски материјал, соодветни агротехнички мерки и навремена заштита и прихрана  се условите за добри приноси, велат агрономите.

 

Земјоделците оваа сеидбена сезона имаат скоро идеални услови за сеење. Наспроти неколку години наназад кога во континуитет мака мачеа со неповолните временски услови, сега временските услови овозможија оваа операција да помине без поголеми проблеми. Покрај температурата и влагата во почвата, стручните лица на земјоделците им  советуваат да  употребуваат  квалитетен семенски материјал, кој е поотпорен на климатски промени и евентуални болести,  соодветна примена на агротехнички мерки како и навремена прихрана и заштита на посевите  за да може да се надеваат на добри приноси.

Во најголемата житница во Македонија, Пелагонија, 80% од  есенската сеидба е реализирана.

Како што информираат од Подрачната единица на МЗШВ во Битола планирано е со есенски култури  да се посеат 15 610 ха од кои пченицата е најзастапена на вкупно 11 800 ха, јачменот на 3800ха, а најмалку е застапена ‘ржта на само 10 ха. Оттаму велат дека сеидбата тече без проблеми и очекуваат да се реализираат планираните активности

Кај поголемите земјоделски производители таа е комплетно завршена, додека не е завршена кај уште еден мал дел на индивидуални земјоделци чии површини се посадени со градинарски култури. На овие површини ќе се сее штом заврши бербата на овие култури, која заради поволните временски услови е продолжена.

-Оние земјоделци што посеаја  во првата половина на октомври пченицата е веќе посеана, а некаде и поникната. Оваа година во Пелагонија имаше  доста влага за успешна сеидба. За оние земјоделци што подоцна ја извршија сеидбата може да биде проблем со т.н. мртва влага и нерамномерно поникнување. Сепак за подобар склоп на зрното  потребна  е дополнителна влага, вели Иван Зафиров агроном.

Земјоделците стануваат свесни за влијанието на климатските промени и ги почитуваат и применуваат советите на агрономите.

-Јас завршив со есенската сеидба. На 10 ха површина посеав јачмен, пченица и малку тритикале за сопствени потреби. Земјата ја имав припремено уште летоска и ги применив сите оние агротехнички мерки од орање ѓубрење и слично. Околу сеидбата не видовме мака, но ако не заврни ќе има проблем околу поникнувањето. Се разбира тоа ќе се одрази и на крајниот резултат. Ако се водиме од математиката воопшто не се исплаќа ама што да правам, земјата ми е оставена во аманет и се занимавам со земјоделство, рече за Зелена берза Менде Талевски од с. Новаци.

-Житариците се исплаќаат само ако се одгледуваат на големи површини. Овде во Новачко поле скоро да е завршена сеидбата. Јас посеав житарици на 40 ха површина. Среќа што површините ги имав изорано веднаш по жетвата. Тогаш имаше убава влага, па сега за сеидбата немав проблеми. На овој регион каде уште не е ожнеана пченката, тешко ќе биде за сеидба бидејќи почвата е сува. Што се однесува до семето за пченица употребувам од сортата „ Еугенио“. Задоволен сум од оваа сорта бидејќи не полегнува и отпорна е на болести. Посеав ама какви ќе бидат резултатите рано е да се каже бидејќи уште не е поникната. Ако заврне,  влагата ќе биде добредојдена за правилно поникнување и развој на семето и ќе може да се надеваме на добри приноси. Од минатата сезона пченицата ја немам продадено, ја чувам и чекам подобра цена, вели Благојче Јовановски земјоделец од с.Новаци.

Што ќе посееш  – тоа ќе ожнееш

Семето е најважната алка во ланецот на производство на жито. На пазарот се јавуваат најразлични семиња кои најчесто доаѓаат од Србија и Бугарија, а ги има и оние домашни производители на семе. Квалитетно  и здраво семе е услов за добар принос. Во добро развиените земји има строги критериуми околу производството и третирањето на семињата. Последниве години и во нашата држава се јавија производители на семе така што земјоделците имаат можност на избор.

-Како семенарска куќа сакаме да го одбереме и донесеме најдоброто за нашите земјоделци. За квалитетот на семињата што им ги нудиме на земјоделците може да се уверат преку пробните опити што ги организираме  во разни региони од државата. Оваа година изненадува фактот што има поголема побарувачка за пченица во споредба со ланската година. Исто и условите за самата сеидба се подобри од лани. Над 70% од планираните површини се веќе посеани. Околу 90% од семето веќе е продадено, изјави за Зелена берза Штерјо Николов директор на „Семенарство“ Скопје.

Како што вели Николов, за јачменот кој прв се сее најмногу интерес има за сортата  Барун , кој се смета за семе број еден на Балканот и за сортата  Максим. Од семето за пченица најбарана е сортата „Кралица“ и „Вулкан“.

Корона кризата им создава дополнителни проблеми на земјоделците 

-Земјоделските производители во овој период имаат 50% од вкупните трошоци. Немаат пари, а сега најмногу им се потребни  за семиња, за ѓубрење и за останати агротехнички мерки. Она на што на сите состаноци го велиме субвенциите да се исплаќаат тогаш кога им се најпотребни на земјоделците. Иако беше речено 30% од нив да се исплаќаат авансно, сепак заради доцнење на ребалансот на буџетот на државата овие пари земјоделците не може да ги искористат тогаш кога најмногу им требаат. Времето сега е убаво и се сее на големо, но земјоделците ги црпат последните резерви. Појаките земјоделци веќе ја завршија сеидбата, но ако се има предвид дека голем е бројот на земјоделски производители со помали површини заради недостиг на средства не ги извршуваат до крај потребните агротехнички мерки или купуваат поевтино семе, што на крајот секако ќе се одрази приносите, изјави за Зелена берза  Ефтим Шаклев од Асоцијација на земјоделци на Македонија.

При немање на доволно финансиски средства Добрите познавачи на состојбите велат дека не треба да се штеди при избор на квалитетно семе бидејќи од неговиот избор ќе значи во кој правец ќе се движи производството и какви ќе бидат крајните резултати.

Павлина Јовановска

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close