Есенските посеви во добра состојба, снегот ги заштити житата
Земјоделските експерти потврдуваат дека есенските посеви како ретко која година се во добра состојба. Ниските температури не предизвикаа штети кај оние што беа покриени со снег, но евидентни се штетите кај оние чија површина не беше под снежна покривка и кај оние кои беа посеани подоцна.
Земјоделците очекуваат добра жетва од есенските посеви кои се за 10 отсто поголеми од 2015 година. Вниманието на земјоделците моментално е насочено кон дохранување на житните култури, пченица, јачмен и рж, а наскоро треба да почне заштита од болести, штетници и плевели кои се појавуваат во пролетниот период.
Земјоделските експерти потврдуваат дека моменталната состојба на есенските посеви е добра. Ниските температури не предизвикаа штети кај оние што беа покриени со снег, но евидентни се штетите кај оние чија површина не беше под снежна покривка и кај оние кои беа посеани подоцна.
Моментално се врши нега на есенските житни култури, се дохрануваат, а наскоро треба да почнат да се прскаат од болести, штетници и плевели. Ова се однесува за оние култури кои не биле заштитени во текот на есенската сеидба, изјави претседателот на Сојузот на земјоделците, Вељо Тантаров.
Поради појавата на болеста црвена рѓа во Европа, земјоделците почнаа масовно да ги прскаат своите посеви со препарати.
-Ако не се интервенира навреме болеста може да ги уништи сите површини со жита. По најавата дека болеста брзо се шири во регионот, земјоделците почнаа со масовна примена на препарати за заштита од оваа болест, вели Тантаров.
Во 2016 година под есенски посеви посеани се вкупно 131.641 хектари и тоа кај земјоделските претпријатија засеани се вкупно 29.524 хектари, а кај индивидуалните земјоделски стопанства вкупно 102.117 хектари. Житните култури опфаќаат вкупно 125.208 хектари или околу 95 отсто од ораниците обработени во есен 2016 година со најголемо учество на пченицата со 74.164 хектари и јачменот со 48.033 хектари.
Обемот на обработеното земјиште под ораници опфатено со есенската сеидба во 2016 година во споредба со есенската сеидба во 2015 година е за 10 отсто поголем, односно засеаната површина е за 12.324 хектари поголема во однос на засеаната површина во есен 2015 година. – Важноста од имплементација на современа технологија во агробизнисот е неопходна со цел да се задржи конкурентноста и да го подобриме квалитетот на приносите. Во пресрет на подготовките за пролетна сеидба, со користење и примена на современи агротехнички мерки, може да очекуваме и поголеми приноси, изјави Огнен Оровчанец, претседател на Агро бизнис комората.
Тој додаде дека во насока на интензивирање на националното производство, евидентна е потребата за примена на дополнителни современи технологии кои ќе допринесат за остварување на континуитет на агротехнолошки мерки кои се потребни за земјоделските култури од различни сектори без разлика на временските услови и последиците од нив.
Дополнително, имплементацијата на научните достигнувања во рамки на воведувањето и селекцијата на сорти во голема мера допринесува кон адаптација на земјоделските култури кон ново настанатите климатски услови и борбата против суша, мраз и високи температури.