fbpx
ВестиТоп вести

Европа забранува увоз и производство на „јабучарот“ и на „ајварката“

Македонските земјоделци од следната година најверојатно нема да можат да ги садат познатите домати „јабучари“, пиперките „куртовска капија“, попозната како „ајварка“ или домашните сорти на пченица поради новите прописи на ЕУ со кои се забранува производство и увоз на одредени сорти земјоделски производи.

evropa zabranuva uvoz i proizvodstvo na jabucharot i na ajvarkata

 

Европската комисија донела правилник според кој е утврдено како треба да изгледа плодот од одредена култура, кој стапува во сила од 2017 година. Секој плод треба да одговара на таканаречениот ДУС-сертификат според кој има над 25 морфолошки карактеристики за секој вид. Проблемот е во тоа што ниту една македонска сорта не одговара на пропишаните норми. Истовремено во државава нема институција што би го издавала овој сертификат, па производителите за да го добијат, треба да одат во странство. Цената на едно испитување е околу 2.000 евра, а сертификатот се добива по две години испитување.

Производителите на семенски материјал се во паника и велат дека на овој начин трајно ќе се изгубат македонските сорти, а за да садат земјоделците, семињата ќе мора да се увезуваат од странство. Земјоделците, пак, во најголем дел не знаат за новите прописи и велат дека ова само ќе значи дека во иднина освен „пластични домати“ ќе јадеме и јагоди и пиперки кои нема да имаат ниту мирис ниту вкус кој досега беше препознатлив за македонските сорти.

Од новите прописи на ЕУ е загрозено земјоделското производство во целиот регион, бидејќи автохтоните сорти од земјите од нашето соседство исто така не одговараат на утврдените стандарди.

Се бара начин на заштита

Во Министерството за земјоделство велат дека се запознати со новите правилници на Европската Унија.

– Знаеме за новитетите, ја следиме состојбата и сега се бара начин како да се заштитат земјоделските производители и фирмите што произведуваат семиња – велат во ресорот.

Директорот на „Агроунија“, една од најголемите фирми за производство на семенски материјал во земјава, Огнен Оровчанец, вели дека е срамно ова што го прави Европа.

– Прво забрани варење ракија кај малите производители, па повторно дозволи одредена количина, забрануваше производство на храна на традиционален начин и што уште не. Со новите прописи сака да направи само монопол и ништо повеќе. Да се продаваат само нивни семиња, а цело традиционално производство во другите земји да го снема – вели Оровчанец. Тој вели дека според европскиот правилник, точно е утврдено како треба да изгледа еден производ. Притоа се опишани нивните сорти, а ниту една традиционална од регионов не одговара на ДУС-стандардите.

– Нашите сорти се признаени во ЕУ и пошироко, но дел од нив не одговараат на новите надворешни карактеристики што се бараат. Мора да најдеме начин да си ги заштитиме домашните сорти, бидејќи по нив е познат нашиот аграр – вели Оровчанец.

Загрозено производство

Деканот на Факултетот за земјоделство и храна Драги Димитриевски вели дека економските штети од примена на овој правилник ќе бидат големи.

– Државата мора да најде механизам да се заштити. Најпогодени ќе бидат фирмите кои произведуваат семиња, особено житар и индустриски култури. Kај градинарското производство во најголем дел и досега се увезуваа семињата, но тоа не значи дека треба да ги изгубиме домашните сорти – вели Димитриевски.

Земјоделците се затечени од информацијата дека нема да можат да ги произведуваат ниту да ги извезуваат домашните сорти.

– Ова е голема глупост од ЕУ. Според правилникот, излегува дека само нивните сорти се добри. Но германските и македонските ниви немаат исти карактеристики. Она семе кое дава добри плодови кај нив, кај нас дава плодови што се пластични, со дрвенести делови и без мирис и вкус. Мора да се најде начин да се заштитат домашните производители, велат тие.

Бугарските земјоделци најавуваат штрајкови

Откако е најавен новиот правилник на ЕУ за ДУС-сертификатот, бугарските земјоделци најавија штрајкови. Претседателот на најголемото нивно здружение Данаил Стефанов бара итно решение за проблемот.

– Се разбира дека ќе има протести ако ги забранат овие „бабини“ сорти. Тоа е нашата историја, нема некој да ни ги забрани – категоричен е Стефанов. Според него, ако се усвои документот од нивната влада без измени, производството на малите бугарски производители на зеленчук ќе биде загрозено, а самите тие ќе бидат лишени од правото да произведуваат и тргуваат со некои од најживописните и вкусни локални сорти пиперки и розови домати.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close