fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Кој го загадува отворениот канал во село Марино

Државен и овластен инспектор за животна средина детектираа испусти од фекална канализација

Државен и овластен инспектор за животна средина детектираа испусти од фекална канализација и од производни и комерцијални субјекти во отворениот дренажен канал што ги зафаќа атмосферските води од општините Гази Баба и Илинден – во должина од 14 километри, соопшти Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС).

Од теренскиот увид се констатирало дека во каналот се испуштаат непречистени отпадни води од село Марино и потенцијално од три правни субјекти и пет инсталации чијшто надзор вршат овластен инспектор за животна средина (производство на пластика, најлон и текстил) и Државен инспектор за животна средина (фарма, складиште за жито, бензинска пумпа и плинска станица).

– Во периодот од 31 мај до 4 јуни, инспекторите ќе спроведат координирани надзори во правните субјекти и инсталациите кои се лоцирани покрај отворениот канал и ќе преземат соодветни мерки, наведуваат од ДИЖС.

Акцијата, како што посочуваат, се спровела по пријава од граѓанин кој снимил видео од мост преку каналот во село Марино, каде било видливо обојување на каналот со бела боја.

– Вакви појави се случуваат речиси секоја година во летниот период, кога заради низок водостој на каналите и испуштање на непречистени отпадни води, се менува бојата на водата и се јавува непријатна миризба, велат од ДИЖС.

Општината, додаваат, тековно работи на изградба на фекална канализација во која наскоро ќе се приклучат домаќинствата и правните субјекти и трајно ќе го спречи загадувањето на отворениот дренажен канал кој минува покрај село Марино.

Слични написи

Back to top button
Close