fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

ФАО: Цените на храната во јануари блиску до највисокото ниво во изминатите 10 години

Се стравува дека овие ограничувања нема да бидат ублажени толку брзо, се наведува во соопштението

Светските цени на храната повторно се зголемија во јануари, поттикнати од зголемувањето на цената на растителните масла, и се блиску до највисоките нивоа во изминатите 10 години, објави денеска Агенцијата за храна на ОН.

Индексот на ФАО на цените на кошничката на основните прехранбени производи се зголеми за 1,1 отсто во првиот месец од оваа година во однос на ревидираната вредност во декември, на просечните 135,7 бодови.

Индексот што ги следи цените на растителните масла се зголеми најмногу, за 4,2 отсто, достигнувајќи го највисокото ниво откако ФАО ги следи податоците, поради намалената достапност на извозот и другите ограничувања во понудата поврзани со недостигот на работна сила и неповолните временски услови.

– Се стравува дека овие ограничувања нема да бидат ублажени толку брзо, се наведува во соопштението на Бубакер Бен-Белхасен од Одделот за пазари и трговија на ФАО.

Минатиот месец цените на млекото и млечните производи значително се зголемија, за 2,4 отсто, соопшти ФАО, истакнувајќи го силниот раст на цените на обезмастеното млеко во прав и путерот.

Цените на житариците речиси стагнираа, бидејќи поскапувањето на пченката за 3,8 отсто поради сушата во Јужна Америка го неутрализираше падот на цената на пченицата од 3,1 отсто, поттикнат од добрите приноси во Австралија и Аргентина.

Цените на месото, исто така, се зголемија незначително, а поевтин беше само шеќерот за 3,1 отсто во однос на декември, делумно поради поволните производствени изгледи во главните извозници Индија и Тајланд, соопшти ФАО.

Зголемувањето на цените на храната е значаен фактор за силниот пораст на потрошувачките цени за време на закрепнувањето на економиите во светот од пандемиската криза, а ФАО предупредува дека поголемите трошоци ги загрозуваат сиромашните во земјите кои зависат од увоз.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close