fbpx
Вкусот на традицијата

Се уште нема договор за цената на пченицата

 

Земјоделците се децидни дека не треба да добијат цена која само ќе им ги покрие трошоците. На тој начин, сметаат, трендот на намалување на обработените земјоделски површини ќе продолжи, а иселувањето од руралните средини ќе се засили.

„Договор нема, но ние остануваме на ставот дека за еден килограм треба да ни се плати 12 денари“, вели Ефтим Шаклев, претседател на Асоцијацијата на земјоделци и предлага разликата во понудената и бараната сума да се надомести од буџетот, во вид на субвенција.

Мелничарите сакаат да платат пазарна, а земјоделците бараат договорена цена од 12 денари за килограм пченицата. Десетина дена пред почетокот на жетвата на оваа стратегиска култура, нема договор меѓу Министерството за земјоделство, производителите и откупувачите. Прашањето за откупните цени на пченицата се отвори и годинава, без разлика што временските услови беа исклучително поволни и земјоделците очекуваат добар род. Тоа за нив нема да значи и добра заработка бидејќи, како и претходните жетви, производната и понудената цена се разликуваат за повеќе од 4 денари по килограм. Домашното производство не може да му конкурира ниту на увозот на евтино брашно, со кое се преплави домашниот пазар. Македонија е обврзана со меѓународните трговски договори, па и земјоделците и индустријата бараат заштита во интерни мерки.

Откупувачите, пак, се подготвени да понудат околу осум денари, колку што во моментов била откупната цена во регионот. Тоа, според нив, е и реалната цена, доколку сакаат да продолжат да работат профитабилно. Од 34 млина, во моментов работат само 12, а и тие функционираат со помалку од половина капацитет.

„Не мораме да откупуваме бидејќи во Македонија годишно влегуваат 65.000 тони увозно брашно, а потребите на населението и на индустријата заедно се меѓу 110.000 и 130.000 тони. Цената на ова брашно е 12 денари, колку што бараат земјоделците. Каде е тогаш пазарната логика“, вели Горан Малишиќ, претседател на Групацијата на мелничко-пекарската индустрија во Стопанската комора.

“Земјоделците  добиваат субвенции по површина, кои од годинава се за 20 отсто повисоки за земјоделците со развоен потенцијал и изнесуваат 14.400 денари по хектар за оние што имаат површини од 5 до 50 хектари. За останатите субвенцијата е 12.000 денари по хектар”, информираат од Министерството.

Од Министерството за земјоделство, посочуваат дека пченицата и јачменот се берзански производи, па цената се одредува на тој начин. Според нив, реално е да се очекува дека мелничарите треба да ја платат берзанската цена, која во моментов се движи 155 евра за тон или 9,5 денари за килограм, додека пак производителите добиваат финансиски стимулации преку субвенциите.

Оттаму веќе иницирале постапка мелничарите кои ќе сакаат да чуваат пченица за стокови резерви да достават барање до Агенцијата за стокови резерви, што би можело да биде поттик за зголемување на откупната цена, а се разгледува и барањето на земјоделците за воведување на мерка за складирање на пченица и субвенционирање по тон.

„Ако се усвои предлогот стоковните резерви да откупат 12.000 тони пченица, почнува постапката за јавна набавка. Тоа ќе биде мотив мелничарите да откупуваат домашно жито кое ќе го понудат на стоковните резерви. Првпат ќе се даде можност да има и помали лотови за земјоделците сами да можат да ја понудат пченицата на стоковните резерви. Цената по која ќе се откупува пченицата од стоковните резерви ќе зависи од јавното наддавање“, информираат од земјоделство и додаваат дека на последната јавна набавка цената на пченицата била 14 денари.

Што се однесува до увозот на брашно, од Министерството информираат дека Агенцијата за храна и ветеринарство преку инспекторските служби на граничните премини, континуирано ќе продолжи да врши редовни контроли не само на брашното од Србија туку и од другите земји.

Најголемиот производител во нашето соседство, Србија, годинава ги зголемила засадените површини од 520.000 на 640.000 хектари, а очекуваат и голем род. Нашите производители, засадиле околу 75.000 хектари и очекуваат приноси од 3.000 до 4.000 кг по хектар, но од друга страна, не се конкурентни со квалитетот на родот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close