Фолиите за земјоделство со 5% ДДВ
Повластената даночна стапка се проширува и на фолиите од пластична маса, но само за оние кои се употребуваат во земјоделството. Ваков даночен третман добиваат и суровите масла од кокосов орев, палмовото, од репка и синап, како и маслото од јојоба во мали пакувања до 1 килограм.
Тие, по ново, имаат ДДВ од 5 %.
Со измените и дополнувањата на одлуката за довластена даночна стапка за данок на додадена вредност, од почетокот на месецов, освен овие производи за човечка исхрана, изменет даночен третман и помал данок имаат и некои производи кои се употребуваат за исхрана на животни, бебешки производи и училишен прибор.
Кај бебешките производи данокот паѓа за бебешко креветче од дрво или од друг материјал, бебешките колички, бебешките седишта за возила, транспортери, релаксатори и хранилки, бебешки кади, пластични и гумени цуцли, бебешки шишиња, пелени и влошки за бебиња.
Со 5 отсто ДДВ ќе се оданочуваат и училишните ранци пластични и од кожа, тетратки, моливи, боички, пенкала, блокови, фломастери, линијари, шестари, острилки, гуми за бришење и коректори.