fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

„Фруктана“ ДОО од некогашна жртва на транзицијата денес успешна извозна фирма

Овоштарството е гранка која што бара повеќе години вложување. Aко подигнете современи плантажи и   ги избегнете ризиците како што се временските неприлики и ризици поврзани со продажба, тогаш овоштарството ќе е гранка од која може добро да се живее и да се заработи, вели Младен Митев во разговорот со Зелена берза.

 

-„Фруктана“ ДОО е класичен пример за фирма која се појавува за време на транзицијата во време кога пропаѓаа земјоделските комбинати и земјоделските задруги. Менаџерскиот тим на тогашната задруга  „Санто Ѓорѓиев“  од с. Аргулица донесе  стратешка одлука со која беше формирана нова компанија ДОО Фруктана, Во услови кога се плаќаа високи каматни стапки и кога беа изгубени пазарите од бившите ЈУ простори,  сакајќи да ги згрижиме вработените , а земјоделските површини да продолжат да се обработуваат формиравме нова задруга  со ново име „ЗЗ Овоштар“ с. Аргулица општина Карбинци, за  производство  на овошни и лозови калеми со  сопствени овошни насади,  се потсетува на самите почетоци Младен Митев еден од сопствениците на „Фруктана“. Оваа година фирмата ќе слави 20 години од своето постоење, високо етаблирана  на македонскиот пазар по преработки на овошје и зеленчук препознатлива најмногу по  вишна, слива, аронија и од зеленчук најмногу пипер, додава Младен.

ЗЗ Овоштар одгледува овошје на површина од 200 ха. Плодовите понатаму се преработуваат во производниот погон на Фруктана. Фирмата е извозно ориентирана така што во моментот извезува во повеќе од 10 земји во светот и на повеќе  континенти. Произведува различни производи почнувајќи од свежа вишна до  топла преработка , компот од вишна, паста, замрзната, како  и посебно производство на вишна за чоколадни бонбони, вишна во алкохол, сливи и аронија.

Со оригинален и квалитетен производ против конкуренцијата

-Без квалитетен производ не може да настапите и да се одржите на странските пазари, посочува Митев. Патот кој го помина Фруктана беше навистина тежок. Потрошивме многу време за создавање на свои производи по кои сме препознатливи. За наша среќа тоа го забележаа  неколку купувачи на европскиот пазар  и веќе имаме 10 -15 години заемна соработка. Најголем дел од нашето производство го работиме за познати купувачи една реткост во нашата област. Немаме некои турбуленции и осцилации во продажбата. Конкурентноста на европскиот пазар зависи од повеќе фактори,но  еден од нив е секако квалитетот. Успеваме да го задржиме со голема посветеност, едукација на вработените , инвестирање во современа опрема и следење на светските трендови во оваа област, посочува Митев.

Како што објаснува Митев, слично  како и останатите фирми од оваа дејност „Фруктана“ не е  имуна од проблеми. Климатските промени се повеќе ги чувствуваат за што им се потребни повеќе инвестиции за системи за наводнување, системи за заштита од атмосферски неприлики. Посебен проблем  им е недостигот  на сезонска работна сила. Фиксниот курс на еврото пак  им создава дополнителни проблеми.

Смета дека се потребни  генерално стратешки промени во  макроекономската политика на ниво на држава.  Мора да се најде начин да се стимулираат извозно ориентираните фирми во аграрот кои носат  девизи и кои нудат сигурен пласман и откуп. Укажува на тоа дека се обидуваат да им ги зголемат платите на вработените, но трошоците на производство дополнително им се зголемуваат поради постојаното, минимално, но сепак зголемување на цената на електричната енергија како и  зголемувањето  на цените на заштитните средства на ѓубривата, зголемување на енергенсите. Ова ги погодува со години наназад, објаснува Митев.

Како може државата да го помогне овој бизнис?

Митев смета дека треба да се поддржуваат  одредени области во аграрот, но  и да се смени начинот на субвенционирање, бидејќи до сега не го имаат дадено посакуваниот резултат.

-Промени во начинот на доделување на директните субвенции во земјоделието преку стимулирање на  производство, а не да давање стимулации по ха. И покрај тоа што има на располагање одредени кредитни линии, средства од ИПАРД  Програмата  за производните капацитети, конзервната индустрија, преработувачките капацитети во винарството итн. , мора да се до прецизираат одредени критериуми,  да се најдат средства за гаранции на оние што сакаат да инвестираат. Државата постојано ги споменува тие гарантни  фондови, кои за жал никако не профункционираат. Мора да се најде начин сопственото учество кое треба да го обезбедат инвеститорите во нашата гранка, на некој начин да се гарантира, не да се дава поклон меѓутоа да се гарантира, а секако тие што ќе инвестираат да најдат барем со нешто да гарантираат  дека нема да има промашена инвестиција. Да се пронајдат и други сет мерки за да се стимулира подигањето на преработувачки капацитети по гранки и сектори, предлага Митев.

„Фруктана“ подготвено ја дочекува новата сезона

Во „Фруктана“ забрзано се подготвуваат за новата производствена сезона. Фабриката има капацитет за  прием и производство на 100 тони сировина дневно. Се очекува годината да биде просечна од аспект на суровина. Има род меѓутоа квалитетот не е добар како резултат на минатогодишната суша во  регионот каде што се наоѓаат насадите.

Во последните години  се борат со еден феномен на близни плодови, на двојки или повеќе, што им  прави проблеми во обработката и добивање на квалитетен производ.

За среќа имаат кооперанти кои знаат да донесат и преку 100 тони овошје пред се вишна, слива, а во последно време цреши и  аронија  кои се едуцирани  и водат сметка да произведат квалитетна сировина, наспроти некои помали производители  кои  за жал се помалку едуцирани и не водат многу сметка за заштитата и употребуваат хемиски средства кои не се на позитивната листа на ЕУ. Употребата на несоодветни препарати подоцна има создава проблеми. За разлика од минатото кога сезоната на берба им траела дваесеттина денови, сега овој период  е продолжен  благодарение на добавувачи од повеќе региони во државата  како битолскиот и ресенскиот регион.

Во фабриката  има 35 редовни вработени лица, а за време на сезоната се вклучуваат дополнително две смени  од 40 – 50 луѓе. Недостигаат сезонски работници и најчесто оваа потреба ја покриваат со средношколци и студенти.

Нови инвестиции за зголемување и осовременување на производството

Новите инвестиции се дел од идните планови на менаџерскиот тим на „Фруктана“. Она на што се внимава  е едукацијата и стручноста на вработените бидејќи само со стручност и знаење може да се оди напред.

-Очекуваме дека овој бизнис и натаму ќе го развиваме ќе го до осовременуваме. На прагот  сме да почнеме нова инвестиција за што  со Агенцијата за финансиска поддршка имаме потпишано договор за изградба на нов објект на плантажите што се наоѓаат  во с. Суво грло каде што  имаме 80 ха насад  пред сè сливи вишни и цреши. Се надеваме дека ќе направиме една многу посовремена фабрика од оваа овде што ја гледате денес, која ќе биде уште поконкурентна на европските пазари. Би порачал да не се плашиме да инвестираме во овоштарството, но да не очекуваме брзи резултати. Ние како нација патиме од еден комплекс, го гледаме комшискиот двор и  кажуваме „кој колку  остварил, колку брзо направи  пари па  бизнис“. Овоштарството е гранка која што бара повеќе години вложување. Aко подигнете современи плантажи и  ги избегнете ризиците, како што се временските неприлкики и ризици поврзани со продажба, тогаш овоштарството е гранка од која може добро да се живее и да се заработи, изјави на крајот од разговорот со Зелена берза Младен Митев управител на „Фруктана“ .

П.Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close