fbpx
Агро бизнисВестиМакедонијаТоп вести

Гоце Серафимов – Свињарските фарми бројат загуби до 30%

До лани, одгледувањето на свињи беше подоходовно од сите други сточарски гранки.

Корона кризата не го одмина ниту свињарството како една од поинтензивните  и попрофитабилни сточарски  гранки. Последната година, според Гоце  Серафимов, одгледувач на свињи во Штипско, свињарските фарми  бројат  загуби кои според негова проценка се до 30 проценти. Причината за ова ја лоцира  во ниската откупна цена на свинското месо и поскапувањето на сточната храна и неможноста да ја покријат разликата  во производната и продажната цена на товениците.

-До лани, одгледувањето на свињи беше подоходовно од сите други сточарски гранки, пред короната беше 90 денари килограм свинското месо, а сега падна цената на 68 денари за товеник. Производната цена е 70-80 денари по килограм, се пожали Серафимов.

Тој  веќе три децении одгледува свињи на семејната фарма во Карбинци.  Почнал со десет маторици, сега на фармата чува 60. Една маторица  дава од 2 до 2,4 прасила годишно и тоа по 10 до 15 прасиња. Неодамна „назимка“ на неговата фарма опрасила  20 прасиња  што досега не е прв ваков своевиден рекорд.

Серафимов на семејната фарма одгледува околу 300 товеници, а во текот на годината може да продаде и до 800 товеници и тоа од неколку познати раси на  свињи. Одгледува  високо приплодни свињи од расата ландрас, јоркшир и дајланд како и пиетрен, но вели дека често мелези за да добие добар рандман.

-Вештачки ги осеменуваме, а имаме и наши нерези за приплод. Мајките  можеме да ги оставиме наши, но имаме и грла што ги купуваме, не се многу скапи, но зависи дали се од увоз или од домашни мајки, бидејќи има неколку фарми во земјава кои се сертифицирани за приплоден добиток, вели тој.

Тешка е состојбата во свињарството

Серафимов  е разочаран од сегашната состојба во свињарството. Вели дека откупната цена на свинското е ниска, а цените на пазарот на сточната храна постојано растат. Јачмен 13 денари по килограм, пченица 14 денари. Поскапе и пченката со цена од 16  денари, а најмногу сојата 36 денари.

Покрај на ниските откупни цени тој се  пожали и на конкуренцијата  со увезени   прасиња од соседството, а кои се товеле на  домашните свињарски фарми  за кои одгледувачите добивале  субвенции од државата. Вели  одгледувачите на свињи ќе бараат  државата  да интервенира. Забележува дека  не се  против  увозот, приватниот сектор  не  може  да ги покрие  потребите за  домашниот пазар. Одгледувачите ќе бараат да не се субвенционираат увезените  прасиња, бидејќи  не се домашен производ. Додава и дека не се противат и  кога се  даваат прелевмани за увоз на свинско  месо за  потребите на  преработувачката индустрија, само почесто да се прават контроли.

Државата  дава  субвенции 1.000 денари за товеник. Субвенциите  вели  Серафимов се од помош на фармерите, одгледувачи, но смета  дека средствата треба да легнат на сметките пред жетвата, за да може да обезбедат на време поевтина сточна храна.

-Кога  ќе поскапи храната свинското месо е поевтино и обратно, кога месото има подобра цена храната е поевтина. Важна е конверзијата на храна,  бидејќи од тоа зависи и прирастот на фармата. Конверзија за 1 килограм произведено месо е 2,7 кг концентрат. Да може ние одгледувачите поекономично да произведеме повеќе прасиња од  мајка  и за 5 месеци да достигнат тежина од  околу 100 кг., смета тој и додава дека „можеме да произведеме и илјада  прасиња годишно, но сите не ги товиме, бидејќи во исто време продаваме. Сега цената на прасињата е подобра од цената на товениците и се движи  од 160 до 170 денари за килограм жива мера. Посебно на пролет е поатрактивна, бидејќи сите немаат мајки и купуваат прасиња за тов“.

Нашиот фармер, ианку ветеринарен техничар по струка смета дека свињарството има перспектива и дека  младите земјоделци нема да погрешат ако одлучат да одгледуваат свињи. Според него доволна е поддршката од државата да започнат  сопствен бизнис и да си обезбедат егзистенција. Во Штипско има повеќе од 25 помали свињарски фарми.

-Со тоа ќе се зголеми производството на свинско месо во земјава домашно свежо, вели  Серафимов, потенцирајќи дека  секој сака квалитетно и свежо, а не  замрзнато свинско месо, производ кој на трпезата ќе доаѓа директно од фармата. Очекува дека загубите од пандемијата ќе може да ги надоместат   бидејќи во свињарските фарми во земјава не била детектирана болеста   африканска свинска чума, а направила големи штети во свињарските фарми во соседството.

Инвестициите во фарми се неопходни

Ако вложиш во приплоден материјал тоа ќе се врати повеќекратно. Потребно е да се вложи во квалитетни грла, исхрана и хигиена и потоа може да се очекува добар прираст, смета нашиот фармер.

Според Серафимов, свињарството може да биде профитабилен агро-бизнис  доколку се инвестира во него. Инвестициите се  враќаат со повеќекратен бенефит. Тој истакна и дека планира да ја модернизира фармата по европски стандарди. За тоа го подготвува новиот објект каде ќе примени нови  технологии. Од неодамна во една од придружните објекти поставил десет  боксови предвидени за индивидуално сместување, значи само една маторица со нејзините прасиња.

-Модерна фарма подразбира автоматизирана исхрана, решетка со автоматско изнесување на осоката, односно изнесување на течното ѓубриво, да се инектира директно во почвата. Индивидуалните боксови треба да обезбедат оптимални услови, не само за маториците, туку и за добиениот подмладок, истакна Серафимов.

Јулија Малинова за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close