fbpx
ВестиМакедонијаТоп вести

Годинава измрзна родот на кајсиите а сепак во градско кај искусен млад овоштар се бере богат род. Која е тајната?

Млад, а доволно искусен овоштар од кого гледаат и учат и околните производители. Искуството и знаењето доаѓа до израз во ваква година, да имаш врвни приноси кога никој во земјава нема кајсија.

Годинава е една од проблематичните за производителите на кајсии. Пролетните мразеви и ниските температури направиja пустош оставајќи ги насадите под кајсии без род. Речиси и да нема регион кој го посетивме а да не се пожалат на истата состојба и пустошот кој зад себе го остави оваа невообичаено студена пролет. Кајсии годинава нема ни за лек. Мразот сè однесе оваа пролет. Ваква лоша година не паметат овоштарите производители на кајсии. Еден од ретките кои годинава има род без никакви проблеми и скратување на приносите е насадот од 11 хектари под кајсии на еден од ридовите во самата близина на градско. Гоце Ангелов е млад производител на кајсии кој уште од мали нозе е по овошните насади со праски и кајсии и зад чие семејство стои 30 годишна традиција и познавање за производството на кајсии па сето тоа годинава доаѓа до израз. Неговите плантажи богати со род запоседнати од огромен број на работници и берачи дојдени да го соберат годинешниот бериќет кој е целосно наменет за извоз.

-Кај мене родот годинава е првокласен. Имам полна берба без никакви последици од мрзнењето, сланите и ниските температури. Кај мене кајсиите се заштитени како што треба, прихранети како што треба и се им е дадено навреме. Ме прашувате која е тајната. Кајсијата бара добра површина, добра локација. Ние тука по течението на каналот од тиквешкото водостопанство кој се наоѓа на 220 до 250 метри надморска висина тоа што го бара кајсијата го имаме. Другата тајна е 30 годишното искуство на моето семејство. Кајсијата бара третман по бербите, да останат здрави листовите и нахранети папките за полесно да го преживее пролетниот стрес бидејќи најмногу страда токму од пролетен стрес, рече Гоце Ангелов млад но искусен овоштар од Градско.

Според искуството на Ангелов кој долги години има провокласен род кој исклучиво е наменет за извоз на рускиот пазар, кајсијата потребно е да се негува уште после бербите а не како што често знаат овоштарите со бербите да ја завршат годината па на нив да се сетат напролет. Доцна во есента потребно е дрвото да ги добие потребните хранливи елементи и заштита бидејќи родот но и имунитетот на овошката тогаш се формира. Ако се создаде добар имунитет преку исхранетоста кој што многу помага без оштетувања да се пребродат граничните вредности на ниските температури кои често знаат големи оштетувања да остават зад себе. Покрај исхраната и одгледувањето дополнителен фактор кој многу придонесува е надморската висина, микро локацијата, експозицијата кои во моменти кога паѓаат ниските температури има пресудно значење.

Кога го подигал насадот Гоце луѓето се чуделе и го прашувале каде на тој рид ќе подига насади и ќе инвестира кога тие површини како неатрактивни и слабо продуктивни биле оставени од некогашните агро комбинати.

-Површините ни се земени од државата под концесија а се оставени од некогашните комбинати. Но со нашето искуство ние точно знаевме што ќе правиме со нив и за што се погодни што се покажа изминативе години со производството на кајсиите. На ова место родот никогаш не бил под 20 тона од хектар. Оваа година имаме род од околу 30 тона од хектар што е идеално додека лани имавме род од 60 тона што се покажа како премногу и не успеавме околу 200 тона кајсија да ја собере и пропадна по нивите. Оддалечени сме околу 2 километри воздушна линија од Вардар и 4 – 5 километри од Црна река. Кога ќе дојде моментот да се спушта ладната маса таа оди во депресиите и ниските места односно накај реките како најниски точки и ние на ридот остануваме како еден остров каде надморската висини не штити од измрзнувања што се покажа и годинава кога сите кајсии во регионот измрзнаа а ние имаме полна берба, додаде Ангелов.

Посебна приказна е сортата Роксана која Гоце ја увидел како посебна за неговиот насад заради што ја крстил и својата компанија под истото име. Тоа е кајсија која е конзумна,  цвета во првата декада на Април и дава плод кој доста вкусен а доволно цврст да поднесува транспорт и доволно да стои во маркет, десетина дена, додека да се продаде заради што и е барана од трговците. Покрај со кајсиите изминатите години тој се обидел и со подигање на насади под праска нектарина но отворањето на фабриките во тиквешијата ги повлече младите и останати без работна сила како и слабата конкурентност на асортиманот кој го има во Грција ги натерало да се откажат од праските и да се фокусираат само на кајсијата каде се на свој терен. Гоце Ангелов е млад земјоделец кој покажа дека ако кон земјоделството има професионален пристап, успехот и исплатливоста сами по себе доаѓаат.

З.Б.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close