
Годинава нема да има 3 денари премија за пченицата и 2 за јачменот, велат земјоделци по разговорот со министерот Трипуновски
Лани државата исплати 3 денари премија за килограм пченица и по 2 за јачменот и образложи дека „поддршката на домашното производство на пченица како најзначајна стратешка култура е за да се обезбеди државата со поголема количина на жито од домашно производство, се со цел да се намали зависноста од увоз.“
Годинава немало да има 3 денари премија по килограм пченицата и 2 денари по килограм јачмен. Ваква вест им кажал министерот за земјоделие Цветан Трипуновски на земјоделците и сточарите на последната средба во Скопје на која разговарале за состојбите во сточарското и земјоделското производство. Веста ги разочара жетварите кои тврдат дека веќе е неисплателиво да се сее житото, оти ќарот оди во туѓи џебови.
Министерот Цветан Трипуновски е многу активен на социјалните мрежи, но засега нема кажано јавно дека владата не предвидува премија за жетварите.
Лани државата исплати 3 денари премија за килограм пченица и по 2 за јачменот и образложи дека „поддршката на домашното производство на пченица како најзначајна стратешка култура е за да се обезбеди државата со поголема количина на жито од домашно производство, се со цел да се намали зависноста од увоз.“
Според евиденцијата на Министерството за земјоделство годинава под пченица била засеани 70.000 хектари, а проценките се дека се произведени 280.000 до 300.000 тони пченица со што ќе се задоволат домашните потреби.
„Му рековме на министерот Трипуновски – прашуваат земјоделците што документи треба да набавиме за да пријавиме за премија за пченицата? Рече годинава нема да има премија оти високи се приносите по хектар а и цената е висока. Министерот кажа дека приносите во голем дел биле по 4 тони пченица од хектар, плус основните субвенции и субвенциите за зелена нафта, така што по неговите пресметки килограм пченица достигнувала цена од 16 за и затоа државата нема да дели премија. Еве јас сум сточар, а сеам и пченица, имам 300 тони пченица и производството ми е неисплатливо“,вели за „Зелена берза“ Боби Бошевски, земјоделец од Општина Могила, претседател на здружението „Современ сточар“.
Земјоделците со кои разговараше „Зелена берза“ уште се жалат дека од годинешната жетва најголем дел од пченицата се откупила за 11 денари, а јачменот за 9 денари по килограм. Но, министерот Трипуновски тврдел дека годинава цената на пченицата на откуп била грото 13 денари за килограм.
„Министерот Трипуновски пред нас образложи дека лани пченицата се откупувала за 10 денари од килограм и затоа државата дала премија по 3 денари, а годинава според него пченицата се откупувала за 13 денари и тоа е доволно, што не е точно. Вистината е дека пченицата се даде грото за 11 денари по килограм“, изјавија земјоделци присутни на средбата.
„Ние значи се излагавме, ја дадовме пченицата по 11 денари за килограм оти мислевме дека ќе даде државата премија од 3 денари премија како лани. Сега сме ортаци со зијанот“, велат земјоделци за „Независен“
Трипуновски како „утеха“ на земјоделците од Пелагонија им дал споредба дека во Овчеполието жетварите ожнеале по 1 тон пченица од хектар, и дека тие се во загуба, а не овие во Пелагонија.
„Земјоделците се во загуба, а намалувањето на цената на откупот од 12 на 11 денари за килограм со што го оправдува – го прашал некој министерот?“, вели земјоделецот Васко.
Лани министерот Трипуновски образложи дека за земјоделците производители на жито со програмата за интервентниот фонд предвиделе дополнителни 3 денари за предаден килограм пченица во откупни регистрирани центри.
Трипуновски лани кажуваше дека Владата одлучила да им помогне на полјоделците се со цел да добијат дополнителен стимул веќе во наредната сеидбена сезона ( се однесуваше на 2025 година) да се зголемат површините под производство на пченица, да се обезбеди поголема количина за државата.
„И така Македонија ќе биде помалку увозно зависна од соседството.“ кажуваше Трипуновски.
Анета Блажевска