fbpx
Вести

МЗШВ: Системот „Равен-Речица“ ќе овозможи наводнување на над 3.300 хектари земјоделска површина

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство работи на изградба на системот за наводнување „Равен – Речица“, со кој се очекува да биде овозможено зголемување на наводнуваните земјоделски површини во Полошкиот Регион.

Од Министерството соопштија дека во овој период на терен во полн ек се градежните работи во делот на изградба на изливниот базен во којшто ќе се собира водата, се врши копање на каналот за цевководот и изградени се пристапните патишта до базенот и до цевководот.

Со овој систем за наводнување ќе се наводнува земјоделската површина што се протега од десната горна страна на автопатот Тетово – Гостивар до подножјето на Шар Планина, односно до границите на градежните урбанизирани површини на населените места во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово, почнувајќи од Здуње сè до Мала Речица.

Со овој хидромелиоративен систем исто така предвидено е да биде опфатена и дополнителна површина од 300 хектари, која се наоѓа под автопатот Тетово – Гостивар, во атарот на населеното место Горно Седларце. Со ова, со системот за наводнување „Равен – Речица“ вкупно ќе се наводнуваат над 3.300 хектари земјоделска површина во општините Гостивар, Врапчиште, Боговиње и Тетово.

Вкупната вредност на инвестицијата за реализирање на главниот доводен цевковод од системот за наводнување „Равен – Речица“ изнесува околу 975 милиони денари. Изградбата ќе се реализира во две фази и се очекува да трае 5 години. Реализацијата на овој капитален проект се финансира со средства од буџетот на Република Македонија, преку Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој.

 


 

makfaks.com.mk

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close