fbpx
ВестиМакедонијаРурален туризамТоп вести

Градешница живее со спомените од виорот на војните

Според  приказната што се раскажува на овие простори, за време на битката на Добро Поле на еден француски војник му била откината раката. Тој истата ја ставил во крпа и ја сокрил под некоја карпа. Кога дошол по дваесетина години ги пронашол коските под карпата.

Селото Градешница се наоѓа во битолскиот предел на Мариово. До него се доаѓа по патот кој што води од Битола, во правец на Општина Новаци, преку селата Маково и Рапеш, и по изминати 52 километри се пристигнува до ова населено место. Ова некогаш најголемо село во Мариовскиот крај, надалеку познато по легендарниот лик Итар Пејо денес ќе не пречека со жална слика. Исполнето со детски жагор до крајот на првата половина на минатиот век, денес претставува населба во изумирање со изгаснати огништа, затворени селски куќи и обраснати дворови. Некои стари дрвени порти се прошарани со по некој некролог на жители во поодминати години кои до крај останале да ја чуваат својата сермија. Големата миграција село-град како и иселувањето во европските и прекуокеанските земји довело до силна депопулација во втората половина на 20 век. Од некогашните, околу 1.200 жители на ова село, денес едвај како постојани можат да се избројат околу дваесеттина. Во селото има седум цркви од кои најстара е црквата која е посветена на „Св. Димитрија“ која потекнува уште од 14 век.

Бурното минато на Мариовскиот предел не ја одминало ни Градешница. За време на турскиот период на владеење, а пред се декадата пред избувнувањето на Првата балканска војна се особено бурни. Покрај војските на турската власт и паравоените структури кои ја поддржувале, имало и големи пресметки помеѓу грчките андардски чети со комитските чети на ВМОРО. Подоцна за време на Балканските војни, Градешница било место на границата на раздвојување помеѓу Кралството Србија и Кралството Грција. Сепак најголемите воени дејствија и страдања на овој предел се случиле во Првата светска војна. После неколку годишното рововско војување тука се случил и пробивот на Македонскиот фронт кај месноста Добро Поле во септември 1918 година.

Помеѓу војниците од двете завојувани страни имало секакви профили. Меѓу нив имало и уметници и скулптори. Еден од нив француски војник со име Марсел ја изгубил десната рака во офанзивата на 15 септември 1918 година, кај ридот Соколот во близина на Добро Поле. Подоцна тој направил бронзен споменик во вид на војник и крст, и тоа само со левата рака. Ова спомен обележје било сместено на една од карпите на Добро Поле. Ова се случило на 19 септември 1938 година, кога француска делегација заедно со претставници на српската власт по повод 20 години од пробивот на фронтот пристапиле до ова место. Месноста подоцна го добила името Бронзена Рака. Сепак, малкумина го имале видено споменикот, затоа што оваа локација се наоѓа на погранично и тешко достапно место. Со текот на времето споменикот исчезнал оставaјќи лузни во карпата. На 29 септември 2012 година, по иницијатива на асоцијацијата Ориент и нивниот претставник Франк Роџер се пристапило до Бронзена Рака.

-Неопходна беше помош од месното население за да ја утврдиме точната локација каде што бил поставен првобитниот споменик. Со оваа посета и обележувањето на местото се обновија сеќавањата за споменикот и локацијата Бронзена Рака се спаси од заборав. Според приказната што се раскажува на овие простори, за време на битката на Добро Поле на еден француски војник му била откината раката. Тој истата ја ставил во крпа и ја сокрил под некоја карпа. Кога дошол по дваесетина години ги пронашол коските под карпата. Токму на оваа карпа делегацијата во 1938 година, го поставила споменикот. Ова ни го раскажува Петар Ставрев, новинар во пензија, фоторепортер и хроничар на Битола кој беше дел од настанот кој се случил при посетата на ова место во 2012 година.

Во центарот на селото се наоѓа споменик во облик на коњ кој датира од поново време. Изработен е во 2019 година, и како материјали се користени шрапнели и парчиња од друга опрема за вооружување собирани низ предели каде што се одвивале воените дејствија.

Денес се уште низ селото насекаде можат да се сретнат сведоштва од Големата војна. Тие за сите добронамерници кои доаѓаат на ова место треба да бидат потсетник колкава болка и страдања предизвикуваат воените судири, како на војниците на завојуваните страни така и на месното население.

 

Текст и фотографија: Игор Петровски

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close