fbpx
Агро бизнисВестиТоп вести

Градоначаникот на Чешиново-Облешево бара помош за справување со поплавите

Градоначалникот Јорданчо Костадинов изјави дека екипите работат на терен, но дека е неопходна дополнителна механизација за да се справат со последиците.

Обилните врнежи од ноќеска предизвикаа сериозни проблеми во источниот дел на земјата, каде Кочанска Река излезе од коритото и ги поплави селата Чешиново, Облешево и Чифлик. Најтешките последици се во Облешево, каде под вода завршија куќи, земјоделски површини и магацини со ориз.

Поради состојбата, Општина Чешиново–Облешево активираше кризен штаб. Градоначалникот Јорданчо Костадинов изјави дека екипите работат на терен, но дека е неопходна дополнителна механизација за да се справат со последиците.

– Ние, со малите можности што ги имаме со Јавното комунално претпријатие, неколку дена се бориме со овој проблем и бараме најсоодветни решенија. Излезени сме на терен со капацитетите кои ги имаме, но сепак морам да апелирам до целата јавност да пружи помош на нашата општина, бидејќи со тоа што ние го располагаме како капацитет не е доволно да се справиме со овој проблем, алармира градоначалникот на Општината Чешиново – Облешево.
Мештаните на Чешиново и Облешево велат дека причина за поплавите во нивните села се неисчистените канали, појава, што според нив, се повторува повеќе години наназад.
Во понеделник во поплавеното подрачје ќе се формира Комисија, а граѓаните ќе имаат можност да пријавуваат штети.

Директорот на Центарот за управување со кризи, Мухамед Али, потврди дека утринава поплавени се повеќе објекти и дворови на различни локации во општината.

„Локалната самоуправа е активно ангажирана на терен со сите расположливи ресурси. Во интервенциите учествуваат и ТППЕ Кочани, Водостопанство ‘Брегалница’ и РЦУК Кочани. Побарана е и дополнителна материјално-техничка поддршка, особено за испумпување вода од поплавените објекти“, вели директорот на ЦУК.

Според него, водостојот на Брегалница и Кочанска Река е значително зголемен, а излевање е регистрирано и на територијата на Општина Штип.

„Како последица на врнежите, утрово се појавија свлечишта на експресниот пат Радовиш–Штип и на патниот правец Злетово–брана Кнежево. За настаните веднаш беше информирано ЈП Македонија пат, чии екипи излегоа на терен и интервенираа соодветно“, изјави Али.

Дополнително, регистрирано е лизгање на земјиште и во село Липково, кај местото викано Кисела Вода. Општината Липково соопштила дека нема доволно ресурси за интервенција и побарала помош од државните институции за стабилизирање на свлечиштето

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close