fbpx
ВестиРурален туризам

Грант од ЕУ за развој на авантуристички туризам на Пониква

Локалната самоуправа на Кочани обезбеди над 30,5 милиони денари за реализација на проектот „Планински велосипедски рај“ што ќе се реализира на Осоговските Планини.

Станува збор за проширување на туристичкиот потенцијал и за создавање услови за развој на авантуристичкиот туризам, како дел од вториот повик за инвестиции во инфраструктурата поврзана со туризмот на Единицата за спроведување на проектот „Локална и регионална конкурентност“, финансиран од грант од Европската Унија.

-Целта на проектот „Планински велосипедски рај“ е да развиеме едно уникатно планинско авантуристичко искуство. Тоа ќе се овозможи со изградба и обновување на велосипедски планински патеки, обновување на планинарскиот дом, проширување на паркингот и развој на други услуги за поддршка на овој вид туризам. Проектот е поврзан со постојната инфраструктура и се вклопува во стратешките цели на општината за збогатување на туристичката понуда, истакна Сашо Стоименов од секторот за планирање и развој на Општина Кочани.

Проектот „Планински велосипедски рај“ опфаќа изградба на патеки за планински велосипедизам на Осоговските Планини во вкупна должина од 35 км, на релацијата Пониква – Брана Гратче – Кочани. Планирана е и изработка на интерактивна апликација за мобилна телефонија, со податоци за планински велосипедизам што ќе вклучува презентација на геореферентни податоци на  јавно достапните мобилни мапи.

Изградбата на велосипедските патеки и останатите придружни содржини ќе почне идната година и треба да се реализираат во период од 12 месеци.


 

novamakedonija

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close