fbpx
ВестиМакедонија

Грците за мермерот плаќаат 5 проценти концесија од неговата вредност

Се раздава ли националното богатство на концесионерите?

Мермерниот комбинат „Прилеп“ кој е во сопственост на грчка компанија, во 2020 година остварил 20 милиони евра приходи од продажба, со што добивката по оданочување на ова компанија била 8,3 милиони евра, покажува финансискиот извештај поставен на Берзата. За истата година пак, според информациите што ги добивме од Министерството за економија, концесионерскиот надоместок изнесувал 15.478.735 денари, или околу 250.000 евра.

 

Мермерниот комбинат од Прилеп е само една од 264 фирми во земјава кои плаќаат концесии во државава. Центарот за граѓански комуникации завчера ја објави анализата за 2019 година според која, тогаш, во државната каса влегле 8,2 милиони евра од концесиските надоместоци. Овој податок, пак, во јавноста се коментира како бројка која покажува дека националното богатство се дава речиси за бадијала, а најмногу коментари можат да се слушнат токму за Мермерниот комбинат „Прилеп“,  кој важи за високо профитабилна компанија.

 

На прашањето од „Слободен печат“ каков е ставот на Министерството за економија во чија надлежност се концесиите, а во врска со ваквите реакции во јавноста, оттаму одговорија дека од годинава ќе има повисоки цени за концесионерите.

– Владата на Република Северна Македонија во 2020 година донесе нов Тарифник, односно направи зголемување на износите на концесиските надоместоци преку Тарифникот за утврдување на висината на надоместоците за издавање на дозволи и концесии за вршење на детални геолошки истражувања и концесии за експлоатација на минерални суровини (“Службен весник на Република Македонија“бр.24/2020) и тој се применува од 01.01.2021 година – велат од Министерството за економија.

Од Министерството објаснуваат и дека концесионерите што вршат експлоатација на минерални суровини се должни да плаќаат годишен надоместок за користење на просторот доделен со концесијата за експлоатација, а во зависност од видот на минералната суровина, како и концесиски надомест за експлоатираните количини.

Со Мермерниот комбинат „Прилеп“ , Министерството за економија има склучено Договор за концесија за експлоатација на минерална суровина – мермер на локалитетот “Сивец” во 2013 година.  Овој локалитет зафаќа површина од 1,9 километри квадратни.

-Концесискиот надоместок заради користење на простор за 2020 година  изнесува  190.000 денари и истиот е платен на 09.12.2020 година – велат од Министерствто за економија. Во однос на концесискиот надомест за експлатација на мермерот, тој бил утврден на 5 проценти од вредноста на минералната суровина, односно од еден кубен метар мермер за комерцијална намена. По овој основ, комбинатот за 2020 година платил 15.288.735 денари – велат од Министерството за економија.

Оттаму потенцираат и дека согласно Законот за минерални суровини 78 отсто од надоместокот оди во буџетот на општината на чија територија се наоѓа концесијата.https://www.slobodenpecat.mk/se-razdava-li-naczionalnoto-bogatstvo-na-konczesionerite-grczite-za-mermerot-plakaat-5-proczenti-konczesija-od-negovata-vrednost/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close