fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Грев е Македонија да не произведува доволно храна

За една деценија увозот на храна се зголемил за повеќе од 88 отсто

Македонија станува сѐ повеќе увозно зависна од храна, а тоа го говорат и сите статистички податоци во смисла на потрошени средства за увоз на храна за сметка на домашното производство, кое е многу намалено. Иако нашата земја важи за земјоделска држава со традиционални земјоделски производи, со години се соочуваме со голем број предизвици што доведуваат до зголемен увоз на земјоделски производи. Без оглед што располагаме со повеќе од половина милион хектари обработливо земјиште, не успеваме да го прехраниме целото население, додека во минатото ја храневме цела Југославија.
Последните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека само во јануари 2024 година за увоз на храна и живи животни, Македонија потрошила околу 85 милиони евра. Додека, пак, за цела 2023 година, нашата држава потрошила 975,8 милиони евра. Според податоците од статистиката, од година на година потребите за храна од странство се зголемувале. Пред 10 години, во 2014 година, Македонија за увоз на храна и живи животни потрошила 517,8 милиони евра, тоа значи дека за една деценија увозот на храна се зголемил за повеќе од 88 отсто, пишува https://novamakedonija.com.mk/
Според професорот на Факултетот за земјоделски науки и храна, Драги Димитриевски, големо е напуштањето на површините на обработливото земјоделско земјиште, што предизвикува сериозно намалување на производството.
– Ако до средината на 90-тите години на минатиот век во функција беа повеќе од 660 илјади хектари, денес според податоците на Државниот завод за статистика имаме 517 илјади хектари, меѓутоа јас лично сметам дека реалноста е далеку од оваа бројка, односно дека ние денес имаме во функција многу помалку обработливо земјиште. И констатацијата дека со одредени потсектори го обезбедувавме пазарот во поранешна Југославија се должи на бројката од 660 илјади хектари што реално се користеше за производство на храна – објаснува Димитриевски.
Оттогаш, како што вели тој, се случиле повеќе крупни промени, пред сѐ во економскиот и политичкиот систем, во кои во земјоделството не се изгради модел што ќе го продолжи и унапреди целокупниот земјоделско-прехранбен сектор, иако од 2007 година се воведоа промени во земјоделската политика и се обезбедија масовни поддршки во износ од повеќе од 1,5 милијарда евра буџетски средства.
– Доколку се следат состојбите во еден подолг временски период и од нив се прави проекција, секако перцепцијата е дека состојбата е алармантна. Она што особено загрижува се демографските процеси, а пред сѐ иселувањето на младите од руралните средини со што се згрозува нивната виталност, искористувањето на ресурсите, а пред сѐ напуштање на земјоделското земјиште и натамошно намалување на земјоделското производство – истакнува професорот.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close