fbpx
Агро бизнисБез категоријаВести

Обвинителството истражува сеча на ели и молики во НП „Пелистер“

Од НП „Пелистер“ за „Независен“ велат дека не се работи за нелегална сеча, туку дека единствената грешка е направена што не е воспоставен таканаречен „шумски ред“ по законски предвидената сеча.

БИТОЛА – Околу дваесет до дваесет и пет дрвја од видот ела и молика, биле исечени во срцето на Националниот парк „Пелистер“ кај Голема Ливада покрај детската патека, слика што ги вознемири битолските вљубеници на планината, особено што дел од исечените дрва велат дека не биле обележани, на нив немало никаква ознака. Дрвата биле оставени покрај  детската патека, несредени. Дел од гранките виселе сѐ уште на стеблата, а пилевината била неисчистена, што оставило впечаток дека се работи за дива сеча во Националниот парк „Пелистер“.

Оваа слика го алармира и битолското јавно обвинителство кое за „Независен“ потврди дека веќе е оформен предмет за сечата со цел да се испита дали таа била законска или не.

Од НП „Пелистер“ за „Независен“ велат дека не се работи за нелегална сеча, туку дека единствената грешка е направена што не е воспоставен таканаречен „шумски ред“ по законски предвидената сеча.

„Постапивме според планот за  одгледување и заштита на шуми во НП ‘Пелистер’. Десетгодишен план со обезбедени документи и дозволи за предвидената сеча. Дрвјата кои се сечеа на Голема Ливада беа означени во септември 2020 година. Се сечеа стебла кои во најголем дел беа означени, но имаше и такви кои се сечеа поради безбедносни причини за минувачите и посетителите на паркот, бидејќи со снегоизвали и ветроизвали дел од нив беа оштетени. Пропустот е направен што нашите вработени кои сечеа во Паркот веднаш не ги тргнаа дрвата од патеката и не исчистија, не воспоставија таканаречен ‘шумски ред’ “, ни изјавија од НП„Пелистер“.

Според надлежните од Националниот парк, тие имаат „записник во кој што е направен наод за работа во дадената локација“.

„Веднаш по сечата воспоставен е ‘шумски ред’ кој што сега може да се види на лице место“, велат од Паркот.

Од ОЈО Битола велат дека –„на лице место  е констатирано дека има  определена сеча, но таа треба да се испита дали е легална“, како што тврдат од Националниот парк „Пелистер“ или дива сеча, за што треба да се изјаснат надлежните инспекторати, па да се бара евентуална одговорност.

„Основното јавно обвинителство во Битола по допрен глас и непосредно забележување  од јавен обвинител во конкретниот случај е оформен предмет во рамките на кој се наведени повеќе дејствија со цел да се испита фактичката состојба на терен. Согласно утврдените наводи од надлежни инспекциски служби и други органи, ЈО ќе донесе одлука за понатамошниот тек на постапката“, потврдија од обвинителството.  (А.Б.)

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close