Гулевска: Жените да веруваат во себе, тоа е начинот да ги исполнат своите планови
Интервју со Јасмина Гулевска, градоначалник на општина Могила
Жените да веруваат во себе, тоа е начинот да ги исполнат своите планови
За првпат во историјата на Општина Могила со неа раководи жена. Јасмина Гулевска ги прифати предизвиците за водење на општината, иако во оваа рурална средина во минатото се сметаше за машка работа. Колку успева да ги реши предизвиците што ги наметнува функцијата, како ги организира своите обврски дома, на фармата, како им помага на своите сожители, ќе прочитате во интервјуто што „Зелена берза“ го водеше со градоначалничката Гулевска.
З.Б.Вие сте една од ретките жени избрани за градоначалник на рурална општина, дали со оглед на тоа што живеете овде во Могила сте и вистинска жена земјоделец. Дали вашето семејство се занимава со земјоделство?
Ј.Г.Јас потекнувам од работничко, земјоделско семејство што цел живот се занимава со сточарство, тоа кај нас дома е приоритетна дејност, не толку земјоделието колку што е застапено сточарство. Татко ми е дипломиран агроном така што се’ што е поврзано со земјоделство ми е познато. Да, имаме и фарма со 40 говеда. Работиме со сточарска дејност и сите сме на некој начин вклучени во таа дејност. Обработуваме земја под концесија, немаме сопствена, се трудиме и работиме како и сите останати жители во овој крај. Организацијата е многу битна работа, исто така и планот. Обврските се делат без разлика на полот,така што повозрасни или помлади задачите ги извршуваме.
З.Б. Колкав е предизвикот да се извршува функцијата градоначалник, како е да се биде прв човек на една рурална општина?
Ј.Г.Предизвикот е голем, одговорноста е уште поголема од она што секој го очекува кога се кандидира на било која функција во државата. Се носам со предизвиците такви какви што се и се обидувам да најдам решение за проблемите кои ги мачат жителите на општина Могила.
Сметам дека сум прва жена градоначалник на рурална средина откако постои локалната самоуправа во Република Северна Македонија и без разлика дали се работи за маж или жена, треба да ја почитуваме родовата еднаквост. Таа природно треба да дојде, а не со носење закони колку жени и колку мажи треба да бидат застапени во законодавниот дом или пак на раководни функции. Без разлика дали се мажи или жени, способноста треба да биде на прво место, се останато е краткотрајно.
З.Б. Се менуваат ли табуата за успешност на жените на јавни функции?
Ј.Г. Сметам дека самите сме си „виновни“, односно одговорни за она што можеме да го работиме. Да, едукацијата е многу битна, семинарите и се она што е обврска на невладините организации да ја подигнат свеста на луѓето, на населението, не само во руралните туку и во урбаните средини, но како што кажав секој треба да се докаже и покаже, без разлика дали е маж или жена . Во оној момент кога ќе го тргниме она градоначалничка односно градоначалник, судијка – судија, докторка односно доктор е тогаш ќе ги разбистриме работите не само во политиката, туку во цел наш општествен живот.
З.Б.За време на кампањата за локалните избори кога бевте избрана за градоначалник имавте ли ветувања кон руралната жена, и дали и колку се остварени тие ветувања?
Ј.Г.Со гордост можам да кажам дека ги активиравме жените, да имаат поголема општествена одговорност. Пробуваме да помогнеме. Во Општина Могила има повеќе жени вработени отколку мажи. Имаме три директорки на основни училишта во општината, имаме раководители на одделенија, така што сметам дека сето тоа природно си оди и нема некој јаз околу тоа.
З.Б.Има ли жени претприемачи во вашата општина кои што водат сопствен бизнис?
Ј.Г.Имаме жени носители на агро фирми како ДОЕЛ, но имаме и претприемачи. Отвораат фирми, ги запознаваат мерките од Агенцијата за вработување. Аграрот ни е битен, бидејќи ова е рурална средина, но и другите професии се примамливи и атрактивни.
З.Б. Кои се најчестите проблеми со кои се соочувате на вашата фарма? И колку функцијата ви помага да лобирате кај централната власт околу решавањето на проблемите со кои се соочуваат земјоделците?
Ј.Г. Како и сите овде, така и кај нас проблемите се исти. Сточарството како дејност е малку подзаборавено. Многу е тешко да вработиш луѓе. Не им е примамлива работата затоа што навистина е многу тешка.
Во моментот во Општина Могила со одделението за урбанизам работиме на формирање агро зона, односно сточарско развојна зона која што е конкретно за потребите на сточарите. Размислуваме на 20 хектари површина да се изградат 10 фарми( прватни), на градежно земјиште кое што општината ќе го даде на јавен оглас. Имаме направено и работна група, за Могила да биде прва пилот општина која што ќе може да ги искористи понатаму фондовите од ИПАРД. Ние во овој момент не можеме да му дадеме потврда за фарми, затоа што нема фарми, туку има штали, и во тој дел малку ја заголемивме свесноста и нашата одговорност пред институциите и излобиравме. Зоната која што би се викала Петилеп 2 ќе биде понудена првично на сточарите од општина Могила. Иницијативата е добро прифатена од сите институции и можам да кажам дека на последната средба имаше заинтересираност дури и од Гостивар, од сточари кои сакаат овде да го продолжат бизнисот.
Значи многу е битен планот и враќањето на вербата и довербата во институциите, а секако и стратегијата. Стратегија за развој на секој регион во државата.
З.Б. Ќе преминеме на малку полежарни теми. Колку сте присутна во домашната кујна?
Ј.Г. Искрено малку. Времето не ми дозволува да сум толку колку што сакам.
З.Б.Од традиционалната храна што е она што сакате да консумирате и секако сама да го приготвувате ?
Ј.Г.Сакам да ја приготвувам и да ја почитувам традиционалната храна. Се трудим и да ја презентираме како општина на најдобар можен начин, особено пред странците.
З.Б.Порано се сметаше дека една жена е домаќинка ако знае да меси зелник? Важат ли се уште во вашата средина овие правила?
Ј.Г:Важат, секако, традицијата не е искоренета, туку напротив се негува.
З.Б. А знаете ли Вие да правите зелник?
Ј.Г. Да, сум пробала. Немам многу време за месење, но секогаш кога имам се вклучувам во обврските во кујната. Затоа пак, секогаш учествувам во подготвувањето на зимницата.
З.Б. Кога би имале можност за избор би заминале в град или би останале овде да живеете во Могила и да ја градите вашата иднина?
Ј.Г.Сум имала можност да заминам. Но, Могила ги има сите потребни услови за живот. Немаме згради, но имаме куќи, почист воздух… Градот ни е блиску, немаме потреба да живееме во градска средина. Тука имаме се’ што ни е потребно.
З.Б. Вашата порака до жените.
Ј.Г. Да веруваат во себе. Вербата е одличен начин да ги исполнат своите планови.
Павлина Јовановска