fbpx
ВестиТоп вести

Хидропонско  производство на домати во Крушево

 

Кога ќе се спојат науката, идејата и добро разработен план,  успехот  е загарантиран. Ова го потврдува Нико Јуца од Крушево. Веќе четврта година по ред,  се занимава  со производство на зеленчук во строго контролиран простор, конкретно со производство на домати со помош на хидропонија. Нова технологија  која за овие простори е недоволно позната и применета. Производството му се наоѓа во с.Врбоец крушевско и го работи заедно со својот партнер Андрејчо Николовски од Крушево. Правник и економист кои никогаш немале допирна точка со земјоделско производство се успешни  производители на домати. Интересна приказна чиј почеток е од студентските  денови на Нико по  бизнис менаџмент на Крит  во Грција. Идејата  за хидропонско производство на зеленчук  ја слушнал од неговиот цимер од Скопје, кој  студирал на Институтот по земјоделие, отсек  раноградинарски  култури.

-Сакавме да пробаме нешто, да направиме нешто  посовремено. По завршувањето на студиите се вративме дома и се договоривме да започнеме , јас во Крушево, а тој во Скопје. Јас почнав и успеав во идејата, додека мојот цимер воопшто не почна. Многу ми помогна во реализацијата  на идејата и често доаѓа да го види нашиот пластеник. Јас и мојот партнер , го развивме бизнисот и сега само тераме, вели Нико.

Не било воопшто лесно и едноставно, но желбата да се успее била поголема. Целата инвестиција  почнувајќи од  железна конструкција, инсталација за парно греење, систем капка по капка па до компјутерски систем  чинела скоро 20 000 евра што ја обезбедиле   преку кредит. На почетокот биле дочекани со голема доза на скептицизам од своите најблиски, бидејќи таквиот начин на производство бил нов и не карактеристичен за тие простори.

 

 

-Самиот вид на пластеник  е затворен и строго контролиран, без можност да влезат во него инсекти. Тоа го оневозможуваат мрежите и кога е потребно пластеникот се отвора и затвора за да се проветри. Хидропонијата подразбира поинаков начин на расадување  во споредба со класичниот начин. Расадот се става во пластични кеси во кои има супстрат, а не земја. Наводнувањето и исхраната се строго контролирани преку  инсталираниот систем капка по капка со помош на компјутер. Нема никаков допир со земја и растението си зема храна (по посебна рецептура) преку системот, онолку колку што му е потребно, објаснува Нико Јуца. Опрашувањето е специфично и се врши со бумбари кои ги набавуваме од Холандија, додава тој.

Ваквиот начин на производство на зеленчук  му овозможува да произведе домати дури и тогаш кога тоа не е можно во надворешни услови. Во просек од едно растение во реколта  може да се добијат  од  5 – 7 кг. Додека да ја усовршат техниката имале просек и 2-3 кг по растение, дури и една реколта промашиле. На почетокот  кога уште не ја знаеле доволно техниката поголем процент од родот бил втора класа.  Со самото усовршување се зголемил и квалитетот на доматите така што од 90 – 95 % од родот е прва класа што овозможува и постигнување на подобра цена. Пластеникот зафаќа 360 м2  и во него сместуваат 1000 растенија. За пласман на доматите немаат никаков проблем. Над 90% од родот го пласираат во Крушево. Задоволни  се од постигнатите резултати, но сепак бараат начин што ќе им ги намали трошоците. Со оглед  на тоа што пластеникот се наоѓа во подрачје каде што температурата знае да падне многу ниско, греењето е од голема важност за целото производство и тоа е најголемиот проблем.

-За наши крушевски услови, каде температурите не се како во Струмица, многу се троши за огрев. Затоа сега овој пат се обидовме да ја смениме и реколтата. Сакавме  греењето да го направиме на пелети, но инженери не советуваа дека таквиот начин на затоплување ќе биде поскап. Со дрвата е поевтино , но потешко. Кога има многу ниски температури со мојот партнер  дежураме за да ја одржуваме потребната температура во пластеникот, вели Нико Јуца.

Може да се живее и да се егзистира од овој бизнис, но ние уште враќаме кредит, така што не останува многу. Инаку е исплатливо.

Нико заедно со својот партнер трошат во просек по 4 часа дневно во пластеникот. Повеќе работа има кога расадот се става во супстратите , но тогаш на помош им доаѓаат, покрај членовите од семејствата роднини и пријатели.

 

Нико и својот партнер  се во постојана комуникација  со советниците од  канцеларијата на АПРЗ во Крушево како и со фирмата од каде ги набавуваат супстратите , бумбарите и останатите средства што им се потребни за производството на домати.  Ограничената површина на која го организираат производството не им дозволува да користат субвенции или друга помош од државата, но упорни се да успеат во она што го работат. Велат дека би го споделиле своето  искуство со некој што би сакал да почне ваков бизнис. Произведуваат само домати. Размислувале  и  за краставици, но им било препорачано  да не ги мешаат, така што останале само на производство на домати.

 

 

-Да не се плашат и да се обидат. Се’  се учи, само треба  да се има желба и трпение. Се ќе си дојде на свое место, е пораката што Нико ја упатува до сите оние ентузијасти што сакаат да  почнат свој бизнис.

Павлина Јовановска

 

 

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close