fbpx
ВестиТоп вести

Храната што нема да се продаде во продавниците и да се изеде во рестораните на трпезите на сиромашните

Нашата држава во која четвртина од граѓаните се сиромашни, а годишно се фрлаат 12.000 тони употреблива храна, е една од ретките во Европа во која не само што нема закон за донирање на храната, туку со ниту еден друг закон или подзаконски акт го нема ни дефинирано поимот „вишок на храна“.

За две недели пред Владата треба да се најде Предлог-закон за донирање на вишокот на храна, со кој за прв пат во нашата држава ќе се регулира како храната која обично завршува на депонија, да се најде на трпезите на најсиромашните кои не можат самите да си ја обезбедат. На последната седница, во вторникот, Владата ги задолжи Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Агенцијата за храна и ветеринарство во рок од 15 дена да го подготват овој закон.

Душко Христов, претседател на невладината организација Банка за храна, која и сега, под многу рестриктивни услови, ги снабдува сиромашните, информира дека законското решение е веќе изготвено во јули, а недостасуваат само казнените одредби. Во подготовката учествувале повеќе министерства, државни институции и неколку невладини организации, а Банката за храна била вклучена во рамките на проектот VSS Effect, поддржан од Европската Унија. Тој забележува на тоа што во изготвувањето на текстот не била вклучена бизнис заедницата, преку која, како донатор на храната, всушност, и ќе се реализира законот.

-На текстот на законот работевме од март до јули, а до 5 август надлежното министерство требаше да го предаде во Влада. Тогаш не ги договоривме само казнените одредби и не знаеме какви ќе бидат. Но јас мислам дека во текстот се ставија некои одредби кои ако останат, нема да бидат применливи во практиката. Исто така, јас забележав дека не е во ред и тоа што не беше вклучена бизнис заедницата, вели Христов.

Тој потенцира дека сите учесници во работната група се обврзани засега да не ја откриваат содржината што е составена, но посочува дека морало да се тргне од дефиниција на поимот „вишок храна“, зашто такво нешто не е споменато во ниту еден наш закон или правилник. Сепак, според неофицијални информации, се предвидува законот да ги поттикнува, но на некој начин и да ги обврзува компаниите да ја донираат хранат која им е вишок, како на пример, поевтина да им биде дистрибуцијата на храната до сиромашните отколку нејзино фрлање во депонија, а се споменуваат и некои даночни олеснувања. Предлогот е да може да се донира храната што трговците не можат да ја продадат, храна на која рокот ѝ е пред истек, неискористената храна од рестораните, но и онаа која е конфискувана од суд, а е безбедна за консумирање.

Банката за храна, која е членка на Европската федерација на банки за храна направила анализа на ваквите законски решенија во 13 европски земји, а како добри и применливи кај нас ги предлага хрватското и бугарското.

Потребата од озаконување на донирањето храна е дефинирано на јавна расправа лани. Но, за да може да се примени законот што ќе се предложи, потребни ќе бидат измени на Законот за безбедност на храната, на многу правилници и на  регулативата за донации и спонзорства.

Ваква регулатива, каква што имаат најголемиот дел од европските држави, на нашата земја ѝ е повеќе од потребна, зашто според статистичките податоци, над 500 илјади, или четвртина од жителите се сиромашни. Некои истражувања посочуваат дека има семејства кои во неделата едвај успеваат да си обезбедат два до три оброка, а од друга страна, македонските семејства и компании се неформални шампиони според фрлање храна. Во светот една третина од произведената храна или околу 1,3 милијарди тони, завршува во отпад, а Македонија е рангирана на поразителното, според едни извори осмо, според други десетто место. Годишно се фрлаат околу 12.000 тони употреблива храна со која може да се нахранат 26.000 граѓани, а во донирањето се вклучени помалку од три проценти од компаниите.


 

vecer

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close