вестиСовети

Припрема на силажа и сенажа од влажни култури и споредни производи

silaza

Од аспект на силирање крмите може да се поделат во 3 групи и тоа:

1.Прва група-крми кои лесно се силираат: цело растение пченка, прекрупа од влажен клип или зрно од пченка, сирак, сурови резанки од шеќерна репа, глава и лист од шеќерна репа, пченица, јачмен, сончоглед.

2.Втора група крми кои тешко се силираат сами: треви, тревно-легуминозни смески, инкарнатска детелина, црвена детелина, лупина, комбинација на растенија од прва и втора група.

3.Трета група крми кои не може сами да се силираат: луцерка, соја, добиточен грашак, граорица, перко, маслодајна репа, добиточен кељ, суров пивски троп, истрошен компост од габи буковки.

 

Зелена луцерка

Припрема на сено од првиот и последниот откос зелена луцерка поради неповолните временски услови е многу отежнато и предизвикува високи загуби на хранливи материи особено каротин. Затоа зелената луцерка не треба да се сенажира туку треба да се силира. Луцерката е богата со протеини но не го содржи потребниот шеќерен минимум за успешна ферментација од млечно киселински тип. За да силирањето на зелена луцерка биде успешно се препорачува додавање на  јаглехидратни крми како што се ситно мелена прекрупа на зрно од пченка (5-7%), суви резанки од репа (8-10%), меласа (3-5%), дехидрирана сурутка (2-3%). Зелената луцерка може да се силира и со додаток на бактериско ензимски инокуланти. Тие се додаваат во мали количини (5-10 гр/тон зелена маса) што може да биде поефтино од додавање јагленохидратни крми. При помала содржина на сува материја (25-30%) должината на отсечокот на растението треба да биде 3-5 см а при поголема содржина на сува материја (30-35%) 2-3 см.

Ако од зелената луцерка се припрема сенажа, содржината на сува материја во овенатиот материјал треба да биде меѓу 40-60% а должината на отсечокот 0,7-1,5 см.

 

Есенска или пролетна смеса-припремата на силажа или сенажа од есенска или пролетна смеса се одвива на исти начин како кај зелена луцерка почитувајќи ги правилата за содржина на сува материја и должина на сецкање.

 

Зелена маса од сеани тревници– Колку успешно ќе се силира зелената маса од сеани тревници зависи од количината на јаглени хидрати односно колкав е уделот на одделни видови треви со поголема или помала содржина на лесно растворливи шеќери.

Најдобро време на прибирање на повеќегодишни власести треви е фаза на власење. Зелената маса од сеаните тревници може успешно да се силира со додаток на крми со висока содржина на јаглени хидрати на пример: ситно мелено зрно од пченка (4-6%), суви репкини резанки (7-8%), меласа (2-3%), дехидрирана сурутка (1-2%). При додавање на некоја од овие крми да се обрне внимание на нејзина правилна хомогенизација со зелената маса. Зелената маса од сеаните тревници може да се силира и со додаток на бактериско ензимски инокуланти. Тие се додаваат во мали количини (5-10 гр/тон зелена маса) и тоа е поефтино од додавање јагленохидратни крми. Доколку тревите се силираат сами покосените растенија мора да се остават на нива да овенат ден два, заради зголемување  на содржината на сува материја на 30-35%. Должината на отсечокот на растението при оваа содржина на сува материја треба да изнесува 2-3 см. Доколку содржината на сува материја е помала (25-30%) должината на отсечокот треба да биде 3-5 см.

Зелената маса од сеаните тревници може да се користи и за припрема на сенажа. Во тој случај содржината на сува материја во овенатиот материјал треба да биде меѓу 40 -60% а должината на отсечокот 0,7-1,5 см.

 

 

Комбинирана силажа

Препорачливо е, а исто така покорисно е да се припрема комбинирана силажа ако се има поголем избор на крми. Најдобро е кога во висококвалитетни крми (растение од пченка, влажно прекрупено зрно или клип од пченка, зелена луцерка) се додадат помалку вредни крми кои сами тешко се силираат (глава, лист од шеќерна репа, јаболково комиње, гроздово комиње, глави од сончоглед, живински фецес со или без простирка, суров пивски троп, истрошен компост од габи буковки и др). Се препорачува количината на помалку вредните крми во таквите силажи да се ограничи на 30%, во некои случаи кога тоа е неопходно максимум до 50%.

Добра комбинирана силажа може да биде подготвена од цело растение пченка и влажно прекрупено зрно или клип од пченка во слоевит распоред во сооднос 70:30, т.н. “сендвич“ силажа. Многу добра силажа може да биде направена од цело растение пченка, влажно здробено зрно или клип од пченка и зелена луцерка во сооднос 45:25:30 од вкупната маса. Комбинираните силажи може да бидат комплетни дажби за одредени категории говеда, со остварување на значајни заштеди во потрошувачката на скапи концентрирани крми. Кога се спремаат комбинирани силажи треба да се води сметка за комбинирањето на одредини крми. На пример живински фецес кој во сувата материја има 14-34% протеини не може да се комбинира со легуминози туку само со пченка или граминеи (жита). Силажите припремени на овој начин може да се користат по 6 недели. Кога за тоа постојат можности пожелно е  со почетокот на користењето на новата силажа да се почне подоцна а најдобро 2-3 месеци по завршување на силирањето.

 

Советник во АПРЗ Петар Трајковски

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close