вестиТоп вести

Домашните ниви ги работат 170.581 индивидуален земјоделец и 304 фирми

Македонското земјоделство е главно семеен бизнис што се состои од мали стопанства. Големите комбинати од минатото се сведени на минимум, а од малите најзастапени се тие што се специјализирани за одгледување полјоделски култури. Статистиката во последната публикација посветена на 25-годишнината од независноста на земјата измерила дека вкупниот број земјоделски стопанства изнесува 170.885.  Од нив дури 170.581 се на индивидуални земјоделци. Останатите 304 се деловни субјекти, но само десет отсто од нив се поголеми со вработувања од над 50 лица. Во статистичкиот годишник стои дека вкупната вредност на македонскиот аграр се проценува дека е над 820 милиони евра. Земјоделското земјиште, пак, кое се обработува од земјоделските стопанства е 315.863 хектари. Дури 58,2 отсто од нив користат до 1 хектар земјоделско земјиште.

domashnite nivi gi rabotat 170 581 individualen zemjodelec i 304 firmi

 

Најмногу се одгледува пченица

Бројките велат дека од вкупниот број земјоделски стопанства, односно 58.014 фирми (34,4 отсто) се специјализирани за производство на житни кутури како пченица, пченка и јачмен. Мешано растително-сточарско производство имаат 31.179, а најмалку земјоделци се занимаваат со одгледување мешан добиток што се храни со зрнеста храна или само речиси 5.640 од нив.

Експертите велат дека ако се анализираат податоците, може да се види дека македонското земјоделство се заснова на раситнето производство.

– Македонија, просечно, има 0,5 трактори на стопанство, од кои поголемиот дел се двоосовински трактори. Според ова може да се види дека најголем дел од земјоделците и немаат сопствени трактори. Вкупната бројка е 92.708 трактори и 1.797 комбајни за жито. Вкупно 444.725 лица, во периодот придонеле со еден или повеќе денови на индивидуалните земјоделски стопанства и се вработени во деловните субјекти. Просечно, 2,6 лица се ангажирани на земјоделско стопанство – стои во статистистичките податоци. Речиси 55 проценти од индивидуалните земјоделски стопанства трошат повеќе од половина од производството за сопствена потрошувачка.

Домашни градини

Бројките велат дека земјоделското земјиште најмногу се користи како ораници, бавчи и куќни градини. Површините под ораници, бавчи и куќни градини учествуваат со 75 отсто во вкупното користено земјоделско земјиште. Ливадите и пасиштата учествуваат со 12 отсто, лозјата со 7 проценти и овоштарниците со 5,5 отсто од вкупното користено земјоделско земјиште. Во структурата на овоштарниците најзастапени се површините со јаболка кои зафаќаат 44,7 отсто од вкупните површини под овоштарници. Најмало учество е забележано кај кајсиите со 2,2 отсто и бобинките со 0,4 проценти.

Ако се анализираат податоците од земјоделските публикации, може да се види дека секој регион поинаку е развиен. Најголем дел од земјоделското производството, околу 177 милиони евра доаѓа од пелагонискиот регион од површина од 79 илјади хектари. Речиси 200 милиони евра од вкупното земјоделско производство е од одгледувањето полјоделски култури, а речиси 112 милиони евра се од производство на лозје и овошки. Градинарството во вкупното производство учествува со 58 милиони евра.

Органско производство само на 0,5 отсто земја

Во 2015 година, 2 632 хектари, односно 0,51 проценти од обработливата земјоделска површина, беа сертифицирани како површина под органско земјоделство, што претставува зголемување од 11,6 отсто во однос на претходната година. И покрај стопирањето на негативниот тренд, ваквото придвижување сепак е далеку од исполнувањето на целта поставена со Националната стратегија за органско производство, 2,0 процента од вкупната обработлива површина да биде под органско производство.

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close