
Игор Мирчески – Македонија – што сме ние? Земја создадена од бога!
Држава што не произведува своја храна – нема суверенитет. Држава што го уништува земјоделецот – ја уништува сопствената иднина.
Кога на Балканот ќе кажеш дека си од Македонија, никој не помислува на вештачка интелигенција, автомобилска индустрија или висока технологија. Луѓето помислуваат на храна. Домашна, вистинска, произведена од македонска земја: пиперка ајварка, домат јабучар, ајвар, кочански ориз, тетовски грав, сирење, јагне, вино, тутун, грозје,преспанско јаболко, беровски компир, бучински кромид, свеж и преработен зеленчук, јагнешко месо…
Тоа не е само стереотип – тоа е нашиот реален идентитет во регионот и во светот. И тоа не е навреда, туку факт потврден со децении извоз и со она што туристите го бараат кога доаѓаат тука. Туристите не доаѓаат по стартапи, по стратегии на хартија или по ветувања за „Силиконска долина на Балканот“. Доаѓаат по Охридското Езеро, по манастирите и црквите, по зурлите и тапаните, по мирисот на скара, по домашниот ајвар што уште мириса на земја и сонце, а не на индустриска лента.
Бизнисот е уште појасен.
Македонскиот извоз на земјоделски и прехранбени производи сочинува околу 11% од вкупниот извоз на државата (податоци за 2024), а главните производи што носат девизи се токму тутун (долго време околу 20–25% од агро-извозот), вино (со над 70% извезено, често дури 50+ милиони евра годишно), преработен зеленчук, свежи и конзервирани зеленчуци и овошје, пекарски производи, јагнешко месо…Во 2025 извозот на земјоделски производи забележа раст од 5,5% во споредба со 2024 – дури и во години со предизвици, секторот покажува виталност.
А што прави државата?
Со години глуми дека сме нешто што не сме. Сонува за високотехнолошка сила, а немаме ниту сериозни лаборатории, ниту истражувачки фондови, ниту систем што задржува инженери, лекари и професори. Ги школуваме – и ги извезуваме. Образованието стана диплома на хартија, а иновациите – збор на презентации. Во светот единствено со што нè поврзуваат е Александар Македонски и античката слава. Тоа е убаво за туристички маркетинг, но со минато не се плаќаат плати, ниту се полнат трпези. Антиката е историја – не економска политика.
Реалноста е сурова: немаме сериозна тешка индустрија, немаме ретки минерали, немаме технолошка моќ. Но, имаме нешто што малку држави го имаат во толку чиста форма – земја создадена од Бога за производство на храна. Климатските услови се исклучително поволни: блага континентална и делумно средоземна клима, котлини заштитени со планини што ги штитат од силни ветрови, обилни врнежи од планинските реки и топење на снег, разновидни почви, бујни пасишта на планините и рамни обработливи површини. Ова овозможува широк спектар: од ориз и тутун, преку грозје и овошје, зеленчук (пиперки, домати, грав, кромид), житарици, до сточарство (овци, кози, говеда, јагне). Македонија има речиси половина од територијата земјоделска (околу ¼ обработлива + пасишта), а природните услови ѝ дозволуваат да произведува квалитетна, органска и традиционална храна што во Европа се цени високо – токму затоа што е домашна, без фабрички мирис.
Во Југославија токму овој простор беше житница и градина за целата федерација. Денес, кога светот бара локално, органско, географски заштитено и автентично – ние имаме предност што другите ја немаат. Но наместо да го зајакнеме тоа што го имаме, го уништуваме: намалување на сточниот фонд (говеда -2,3%, овци -11,9%, живина -9,9% во 2024 сп. со 2023), зависност од увоз на основни намирници, раст на цените на храна, емиграција на млади од село… Единственото нешто што Македонија може да го понуди денес и веднаш, без глумење, без милијарди инвестиции во фантазија, без комплекси – е силно, конкурентно, извозно ориентирано земјоделство и прехранбена индустрија базирана на домашно производство.
Држава што не произведува своја храна – нема суверенитет. Држава што го уништува земјоделецот – ја уништува сопствената иднина. Заклучокот е еден и не им се допаѓа на елитите што сонуваат за „Силиконската долина“ додека јадат увозен леб: Македонија или ќе стане сериозна земјоделска и прехранбена држава – со фокус на квалитет, брендирање на македонското (ајвар, вино, сирење, јагне, зеленчук), модернизација на ниви и преработка, задржување на млади на село,силно зголемени субвенции што навистина одат кај производителот – или ќе стане вечен увозник, зависен од туѓи ниви, со празни села и заборавен идентитет. Сè друго е политичка лага и илузија. Немаме друга алтернатива. Земјата ни е дадена токму за ова. Време е да престанеме да глумиме и да почнеме да го живееме она што сме – и да го правиме подобро од сите други.
Пишува Игор Мирчески добар познавач на состојбите во земјоделието




