Игор Мирчески – Само во Македонија премиери и министри ја договараат цената на тутунот!
Цената на тутутнот треба да ја договорат тутунарите со откупувачите!
Македонија е меѓу ретките земји каде производството на ориентален ситнолистен тутун има богата традиција како суровина која е позната во светот како „жолто злато“. Иако претставува една од најтешките и најтрудоинтензивните земјоделски култури, сепак тутунарите со векови го одржале ова макотрпно производство. Тутунот не само што е важен производ за нашата држава, тој има социјално економска компонента со значаен импакт врз општеството. Но, последните години ова производство бележи постојан пад и речиси да е преполовено што само по себе зборува дека нешто не функционира во самиот кооперантски однос на производители и откупувачи!
Ниту досетливоста на откупните компании за откуп во највисоката класа кој започна од минатата реколта, а гледаме се применува и во оваа реколта не донесе задоволство кај производителите бидејќи висината на највисоката класа се движи речиси паралелно со производната цена. Незадоволството кај производителите и во оваа реколта се манифестира со бојкот на откупот со што само се зголемува нетрпеливоста меѓу овие два „рамноправни партнери“.
Иако тутунарите според законот имаат свој преставник кој треба да ги штити нивните права пред откупувачите и пред институциите на државата, сепак во пракса ова тело нема никакви механизми за функцијата за која има овластување. Заради ваквата ситуација и подреденост на Сојузот на производители, очите се вперени во министрите за земјоделство во владите или во премиерите од кои се очекува да вршат притисок врз откупните компании во насока на заеднички прифатлива цена за обете засегнати страни.
Во малку понапредни држави ова е апсурд, министерот или премиерот да се во улога на договарачи на цена!
Решенијата кои се практикуваат во овие земји се едноставни и цената се договара меѓу самите производители и откупувачи, а државата е тука да обезбеди рамноправни и фер услови за обете страни. Крајно време е и кај нас да се пристапи кон едно вакво решение и улогата на државата да биде исклучиво во креирање на закони, мерки и решенија за понапредно и посовремено земјоделство како и добра пазарна клима за сите откупувачи на земјоделски производи.
Измена на законот за тутун и забрана на увоз на суров необработен тутун како прв чекор, и формирање на тело на рамноправна основа од производители и откупувачи со исти права и обврски чиишто одлуки ќе мора да се носат во интерес на обете страни, како втор чекор, може да биде едно решение кое може да донесе и позадоволни производители и пофер откупен процес на оваа важна стратешка култура за нашата држава.
Игор Мирчески