fbpx
ВестиТоп вести

Интервју со Снежана Новаковска претседател на планинарски клуб Тетекс.

 

Во последно време имаме тркачки начин на планинарење, за некои е најважно да стигнат до целта, односно до врвот, да се сликаат и да се пофалат дека се качиле некаде, а целта на планинарењето е токму спротивното, да се запознаеш со природата, да ги почитуваш законите и да се соживиш со неа, вели во интервју за Зелена Берза Снежана Новаковска претседателот на еден од најстарите планинарски клубови во земјава ПК Тетекс.

Зелена Берза -Гледаме дека планинарските тури ви се комерцијални, на нив одат цели семејства, дали сакакте со овој начин да ја доближите природата до населението, кое е оддалечено посебно од нашите преубави планини?

Снежана Новаковска  – Нашиот клуб постои веќе 7 децении, ние во овој период се трудиме да ги одржиме старите планинарски традиции, се трудиме да ги задржиме старите наши членови, но и да најдеме нови членови. Зошто го зборувам ова, во последно време имаме тркачки начин на планинарење, за некои е најважно да стигнат до целта, односно до врвот, да сликаме и да се пофалиме дека сме се качиле некаде, а целта на планинарењето е токму спротивното, да се запознаеш со природата, да ги почитуваш законите и да се соживиш со неа.Ние сме можеби единствениот клуб во Македонија кои прават организирани тури со над 150 учесници,имаме цели семејства кои ги посетуваат планините, морам да истакнам дека има планинарски тури кои се претворени во туристички агенции заработуваат од ова и не им е приоритет да им ја доближат природата на граѓаните, туку да заработат од неа.

Зелена Берза – Како што велиш приоритет ви е да ја доближите природата до населението. Како реагира населението на природата, посебно постарите членови, дали ја чуваат?

Снежана Новаковска – Па ние секогаш нагласуваме дека тие кои доаѓаат со нас не смеат да го оставаат сметот кај ќе им текне, дека морам да нагласам дека таму каде одиме се фрла се и сешто, најчесто остатоци од храна. Има примери кога сме враќале наши планинари да го земат сметот да го носат со себе, и да го фрлат таму каде што му е местото. Во нашите планини нема места одредени каде може да се остава сметот, и потоа на одредено време некој да дојде да го собере. Сведоци сме на големо опустошување на шумите. На последната тура каде бевме, на едно ерозивно подрачје над село Варвара  на враќање назад видовме една цела огромна површина иссечена, значи гола сеча.

Зелена Берза – Колку овие тури кои ги организирате придонесуваат луѓето да ја засакаат природата но зборувам за нашата природа ?

Снежана Новаковска – Има во Тетово на пример луѓе кои биле на Триглав во Словенија, а се уште не го качиле Титов Врв, баш ова е помодарство во планинарењето. Некои имаат најскапа опрема, а не ја разбираат планината. Има млади кои доаѓаат само за да бидат ин, а не ја знаат планината. За да се засака планината мора истата да се разбере, да се разберат сите нејзини опасности, убавини и предизвици. Секогаш кога се поаѓа на планина треба да имаме резерва во себе, затоа што планината колку голем пријател толку и голем непријател може да ти биде ако не ја почитуваш, ако ја почитуваш тогаш си на добар пат да ја засакаш, но и таа тебе да те засака.

Зелена Берза – Колку според вас е искористена природата на Шара. Има разни шумски плодови, дрвна маса, езера, реки и слично?

Снежана Новаковска – Природните богаства не се доволно искористени, тргнувајќи од чаеви, шумски плодови и се друго. Кај нас многу се оддава важност  на развој на планинарскиот туризам но од аспект на еден кафеански апсект. Да имаме кафеани, планинарски куќи но не и куќи кои ќе откупуваат тоа што се собира во планинината, а со тоа да се преживува. Има откупни фирми кои  откупуваат чаеви шумски плодови а на Шара таков нешто нема, и тие откупни центри ги бараат некои наши производи од Шара. Со самото прогласување на Шара за национален парк, можеби работите ќе појдат од мртва точка. Треба да има школи кои ќе го едуцира населението како да се искористат плодовите на Шара, тоа го знае локалното население но и тоа мака мачи со транспортот на производите, можеме да видиме реки од сок од боровинки кој се излева по доловите, а локалното население едвај ја транспортира боровинката

Зелена берза – Кои проекти какви тури имате ?

Снежана Новаковска –  Нема промоција, има тури но се прават на црно тие тури. Ние лани се обидивме да направиме промоција на нашите Шарпланински езера, вкупно десет. Лани на пример кога го посетивме Караниколичко езеро имаше околу 40 души, а годинава имавме 150 души, значи има ефект промоцијата. Ние не очекуваме бенефит, туку само сакаме да ја промовираме планината.

Зелена Берза -Последно прашање , тоа што е најважно, што правите децата  да ја засакаат природата, тие се нели нашата иднина?

Снежана Новаковска –Планинарењето се учи од мали нозе, и сметам дека на нашите деца треба да им ја всадиме љубовта кон планината. Ние со Општина Тетово направивме неколку предавање за планината со децата од училиштата. Треба да се запознаеме со планинината, и треба да имаме факултативна настава за планинарењето, дека нашиот регион е богат со планини па и цела држава,  за да дознаат децата како треба да се однесуваме во планина, да се остави планината каква што сме ја затекнале, баш кавка што ја оставаат животните кога ќе поминат низ неа, за да биде примен од неа онака како што е примен кога за прв пат оди на планина.

Зоран Димовски

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close