fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Целиот извоз на цреши одеше во Русија, најголема жртва на војната се јаболкaта

Според Трајан Димковски на рускиот пазар годишно извезуваме од 15 до 20 илјади тони консумно јаболко, што е 50 проценти од вкупниот извоз, праска пласираме 60 отсто од вкупниот извоз, додека производството на цреша во целост оди за Русија.

Од војната во Украина, санкциите кон Русија и забраните што за увоз од определени земји ги воведе Москва, од македонските земјоделски производи најголема жртва се јаболката, потоа праските, но особено црешите, зашто буквално целиот извоз на црешата одеше во Русија. Забраната стапи во сила кон крајот на минатата година, а надлежните велат дека интензивно работат на нејзино укинување и се надеваат дека тоа ќе се случи до пролет. Во меѓувреме, велат, многу е тешко да се најдат алтернативни пазари за овие три култури.

Според Трајан Димковски од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство (МЗШВ), на рускиот пазар годишно извезуваме од 15 до 20 илјади тони консумно јаболко, што е 50 проценти од вкупниот извоз, праска пласираме 60 отсто од вкупниот извоз, додека производството на цреша во целост оди за Русија.

„Земјава годишно на рускиот пазар извезува околу 15.000 – 20.000 тони консумно јаболко прва класа, или 50 проценти од вкупниот извоз  што е многу значајно. Се надеваме дека забраната ќе биде тргната. Следна е праската, од чиј вкупен извоз 60 отсто оди исто така на рускиот пазар, а најлошата варијанта важи за црешата, која стопроцентно се извезува во Русија, буквално целото производство од 1.000 – 1.500 тони. Алтернативни пазари тешко може да се најдат за сите овие три култури“, изјави Димковски.

Тој денеска, на брифинг со новинарите, потенцира дека иако е „мртов период”, забраната за извоз сепак, најмногу го погаѓа јаболкото.

„До пролет се надеваме дека може да се средат работите. За нас ќе биде многу лошо ако праската остане под забрана за извоз. За праската е многу тешко да најдеме алтернативен пазар, конкуренцијата од страна на Грција е огромна зашто имаат посебни сорти. Од околу 8.000 – 12.000 тони домашно производство на праска, 5.000 – 6.000 тони одат на рускиот пазар. Ако се среди ситуацијата до мај, нема да има проблеми со пласманот. Во врска со јаболкото, оние земјоделци што ја сфатија пораката пред многу години дека ајдаред тешко ќе се пробие на нови европски пазари, го сменија сортиментот и сега имаат извоз не само на европски, туку и на други пазари. Ајдаред не поминува, може да помине само во арапските земји, на Истокот, на рускиот пазар…, а овој тип јаболка зафаќаат до 80 проценти од нашиот сортимент и најверојатно ќе оди за преработка. Само така ќе се извезе, но по многу пониска цена. Моментално, пет денари за килограм е индустриското јаболко, а осум до десет е консумното“, објасни Димковски.

Во моментов, додаде, земјоделците молат да ги дадат јаболката во индустријата.

„Минатите години ги завршувавме со 50 отсто предаден род во преработувачките капацитети што е недозволиво и економски неоправдано. Годинава ќе видиме како ќе биде. Индустрија има во секое производство, но до 20 отсто. Всушност, затоа е и мерката за поддршка на добар дел од јаболката со по три денари за килограм, што ја опфаќа целата реколта, од 15 септември 2022 до 15 мај 2023 кога се предаваат количините на домашните откупувачи“, додаде Димковски.

За праската имаше слична забрана од руска страна и пред три години.

„Се надевам дека како тогаш, и годинава ќе се тргне забраната пред бербата. Работиме на тоа заедно со Македонско-руската комора“, подвлече Димковски.

Во Русија извезуваме и зелка, но во незначителни количини, околу осум отсто од производството, додека во Украина два проценти.

Извор-https://www.mkd.mk/makedonija/ekonomija/celiot-izvoz-na-creshi-odeshe-vo-rusija-najgolema-zhrtva-na-vojnata-se

Тагови

Слични написи

Прочитајте исто така

Close
Back to top button
Close