Избор на сорти – лешник

lesnik

– Римски

Оваа сорта на лешник е од италијанско потекло. Настаната е од видот Corylus avelana. Узрева во средината на септември. Џбунот е многу буен со исправени гранки и со добра родност, со протагинично цветање. Има многу разграноци. Оваа сорта е самобесплодна и е релатино отпорна на мразови. Плодот е крупен до 3 гр, округлесто колачест. Плодовите се во група од по три заедно. Лушпата е дебела, цврста. Обвивката на плод е рамна составена од два листа. Зрелите плодови лесно се оделуваат од обвивката.

Јатката е крупна, добро го исполнува плодот, со остар врв, многу добар вкус и пријатна арома. Рандманот изнесува од 42 до 48%. Јадрото е ситно до средно крупно (1,35 гр.), слатко, но не е ароматично. Џбунот рано прородува, а ако се калеми на мечкина леска има поумерен пораст и поквалитетен плод. При лоша нега на насадот оваа сорта е склона на алтернативно плодоносење.

– Истарски

Средно бујна до бујна, созрева средно рано во првата половина на септември. Џбунот е средно буен до буен и разгранет. Плодот е средно крупен до крупен (2,8 гр.), со издолжен облик. Рандманот на јадрото е околу 43%. Ситно е околу 1,2 гр. золтеникаво бело, ароматичен.

– Косфорд лешник

Оваа сорта лешник е од англиско потекло. Настаната е со вкрстување на видовите Corylus avelana и Corylus maxima. Џбунот е буен со добра родност. Создава многу изданоци. Протандрична е, релативно отпорна на ниски температури, плодовите се во група од 2 до 4 заедно. Обвивка е на ниво на плодот или подолга е. Плодот е долгнавес. Созрева по првата половина на септември. Најчесто плодовите се со средна големина околу 2.5 гр. Рандманот на јатката изнесува до 60%. Поткожицата на јатката е груба но се одделува лесно од лушпата. Јатката има добар вкус.

– Халски џин

Оваа сорта на лешник е од германско потекло, а според видот води потекло од Corylus avelana. Созрева при крајот на август и почетокот на септември. Џбунот е средно буен. Цвета средно рано, и продолжено, но е самобесплодна. Плодот е крупен 3.4 гр со топчесто купаста форма. Обвивката е рамна со плодот. Лушпата е доста дебела и тврда. Јатката е крупна, не ја исполнува добро лушпата. Рандманот и е до 40%. Јатката е вкусна и богата со протеини. Овааа сорта е една од најотпорните на мраз, и е со висока родност. Недостаток на оваа сорта е што при поголема родност дел од плодовите се празни и е со слаб рандман.

– Негрет лешник

Оваа сорта на лешник е од шпанско потекло, а според видот води потекло од Corylus avelana. Џбунот е средно буен, со исправен пораст. Цвета рано, и протагинична е. Плодот е крупен до 3 гр, со овална форма и заедно се во група од 3 до 4. Обвивката е малку подолга од плодот. При зреење добро се отвара и го ослободува плодот. Рандманот на јатката изнесува до 48%. Многу е ценета како сорта во индустријата за чоколадо. Џбунот рано почнува со плодоносење, редовно и обилно раѓа, погодна е за одгледување во интензивни насади како стеблесто овошје. Рандманот е висок, а јатката е со одличен квалитет.

– Барцелонски лешник

Оваа сорта лешник е со непознато потекло, а според видот води потекло од Corylus avelana. Најзастапена е во Соединетите Американски Држави, а се одгледува и во Франција, Италија и Шпанија. Џбунот е буен со малку изданоци и добра родност. Самобесплодна е и протандрична но може да има и хомогамија. Релативно е отпорна на ниски температури. Плодот е крупен до 3.3 гр, со округла форма. Зрелите плодови лесно испаѓаат од обвивката. Во соплодието има од 2 до 4 плода. Лушпата е дебела, и тешко се одвојува од јатката.Јатката е со радман од 45%, а исто така е крупна и квалитетна.

– Трапезунтски лешник

Оваа сорта лешник е од турско потекло, а според видот води потекло од понтијски лешник. Џбунот е со слаба бујност али со добра родност. Развива многу изданоци. Протандрчна е и самобесплодна. Многу е осетлива на ниски температури. Плодот е средно крупен 2.6 гр, со округлесто колачеста форма. Ова е една од најраните сорти на лешник. Обвивката со созревање паѓа заедно со плодот. Плодовите се наоѓаат во соплодие од 2 до 4. Лушпата е дебела и тешко се одвојува од јатката. Јатката е со рандман од 45%, а исто така е крупна и квалитетна.

– Тонда џентиле романа лешник

Оваа сорта лешник е од италијанско потекло. Позната под синонимот „римски вкус“. Џбунот е средно буен, со преоден хабитус, и добра родност. Цвета средно рано и е со променливи карактеристики, од протандрична до протагинична. Спаѓа во самобесплодна сорта. Прилагодлива е на разни услови. Плодот е средно крупен 2.7 гр, со округла форма. Во соплодие се наоѓаат од 2 до 4 плода. Обвивката е подолга од плодот но сепак плодовите лесно испаѓаат од обвивката. Рандманот на јатката изнесува 45%, која е квалитетна и има голема примена во индустријата за слатко.

– Тонда ди џифона лешник

Оваа сорта на лешник е од италијанско потекло. Џбунот е слабо до средно буен, со преоден хабитус, и добра родност. Спаѓа во самобесплодна сорта и е со протандрично цветање. Плодот е средно крупен 2.4 гr, со округла форма. Во соплодие се наоѓаат од 2 до 4 плода. Лушпата е средно тенка. Рандманот на јатката е до 45% и е погодна за кондикторна индустрија. Ова е типична сорта за медитерасно подрачје. Оваа сорта на лешник успева во Македонија.

– Тонда џентиле дела ланге (пиемонтски лешник)

Оваа сорта на лешник е од италијанско потекло. Позната е како пиемонтски лешник. Ова е водечка сорта во Италија. Има средно развиен џбун, со преодна форма, формира доста издатоци. Цвета многу рано, дихогамно, со изразена протагиничност. Самостерилна сорта, со слабо р’тлив полен, затоа не е поволна како опрашувач, а се опрашува добро со сортите барцелона, негрег, римски и др. Плодот е округлест со заострен врв, со маса од 2.4 гр, поединечен или е во група од 2 до 3 плода. Обвивката е долга колку плодот или нешто подолга, при врвот широко отворена и плодовите лесно испаѓаат. Лушпата е тенка, но доста цврста. Рандманот на јатката е доста висок дури до 58%. Оваа сорта на лешник успева во Македонија.

Советник Мирјана Милинг

РЕ Демир Хисар

Share Button