Интервју со Менде Граматковски директор на ЈП „Стрежево“- Битола
„Целта ни е испорака на вода до секоја земјоделска површина во Пелагонискиот регион“
Менде Граматковски првиот човек на ЈП „Стрежево“-Битола во интервју за „Зелена берза“ уверува дека нема простор за загриженост кај земјоделците за снабдување со вода ова лето, бидејќи моментално акомулацијата располага со околу 95 милиони м3 вода што е повеќе од доволно за обезбедување на потребните количини на вода за дел од Битолското Поле во Пелагонија.
З.Б:Има ли простор за загриженост кај корисниците на вода од ЈП „Стрежево“ – Битола ова лето? Дали акумулацијата има доволно вода да ги покрие потребите на индивидуалните земјоделци, индустриските капацитети и за граѓаните?
Граматковски: Акумулацијата „Стрежево” со која стопанисува ЈП „Стрежево” – Битола моментално располага со околу 95 милиони м3 вода што е повеќе од доволно за обезбедување на потребните количини на вода за наводнување на дел од Битолското Поле во Пелагонија. Непрекинато, квантитативно покривање на потребите од не преработена вода во термо енергетската и комунално-индустриската сфера, и тоа пред се водоснабдувањето на градот Битола и околните населени места, рударско енергетскиот комбинат – РЕК “Битола” и локалните индустриски капацитети.
Несомнено, нема никаков простор за загриженост на граѓаните, потребите на водокорисниците ќе бидат во целост задоволени од страна на ЈП „Стрежево” – Битола. Чесното, одговорно, посветено, транспарентно и отчетно работење сметам дека граѓаните го препознаваат.
З.Б:Има ли инвестиции во нова мрежа која би била од корист на индивидуалните земјоделци, и во кој дел од хидросистемот?
Граматковски:Наводнувањето е една од основните намени на хидросистемот „Стрежево“ и е застапено на 20200 ha нето обработлива површина, физички ограничена на просторот помеѓу реката Шемница на север, реката Црна на исток, главниот доводен канал на запад и македонско – грчката граница на југ.
Дистрибуцијата на водата се врши преку деталната цевководна мрежа и посебните приклучни и доводни објекти до поедините водокорисници на системот.
Со моето доаѓање за директор на ЈП „Стрежево” – Битола и како што ветив, во духот на транспарентноста и отчетноста пред граѓаните, еден од основните приоритети беше и останува инвестирањето во деталната цевководна мрежа и консолидација на мрежата.
Ветивме и континуирано и систематски спроведуваме активности за подобрување и проширување на мрежата за наводнување. Како позначајни ги споменуваме:испорака на вода за земјоделските површини во село Лисолај, редовна реконструкција на цевководната мрежа по завршувањето на сезоната за наводнување, реконструкција на делнички цевководи….
З.Б:Неодамна објавивте дека после 40 години Лисолајско поле доби наводнување. Кои се новите можности за земјоделците од овој крај и колку ве чинеше таа инвестиција?
Граматковски:Неодамна започнавме со испорака на сурова вода за наводнување на земјоделски површини во село Лисолај. На земјоделските површини е инсталирано полиетиленско црево (Ø225) со должина од 880метри во ров со пропратна хидромеханичка опрема. Инвестицијата е од сопствени извори на претпријатието во висина од околу 2 000 000 денари.
Со реализација на овој проект на најдобар можен начин земјоделците од овој регион ќе можат да ги остварат поставените цели, и со тоа поголема ефикасност и ефективност што е водечки фактор за успех на земјоделството, а воедно претставува стратешка цел на државата – зголемено земјоделско производство, поголем придонес и подобрување на квалитетот на земјоделските производи.
З.Б:Имате ли проекти за проширување на хидросистемот за наводнување со кој можеби би се опфатиле сите земјоделски површини кои не се под хидросистемот, односно да зафати опсег на сите ниви од Пелагонискиот регион?
Граматковски:Со актуелното, реализирано техничко решение на Хидросистемот „Стрежево”, и изработувањето и реализацијата на проекти за проширување на хидросистемот со површини кои се надвор од проектно предвидени 20.200 ha нето обработлива површина целта е испорака на вода до секоја земјоделска површина во Пелагонискиот регион.
Во нареден период ќе биде испорачана вода во атарот на селата Породин, Секирани, Габалавци и во село Кукуречани. Испораката на вода ќе биде и преку реката Шемница и Црна река до земјоделските површини на општините Могила и Новаци.
Со проширувањето на хидросистемот Стрежево во овој дел се создава можност да се наводнуваат околу 40 хектари плодна земјоделска површина.
З.Б:Какви плаќачи се земјоделците, дали имате проблеми околу наплатата и како ги решавате тие ситуации?
Граматковски:ЈП „Стрежево” – Битола ги зема во предвид реалните финансиски можности на граѓаните, им предочува на граѓаните за обврските, како и правните последици од нивното ненавремено намирување. Главната цел е да се обезбеди уредна достава до должниците пред воопшто да се започне постапка за нивна присилна наплата. Присилната наплата е последната алатка со која се служиме откако ќе бидат исцрпени сите други можности за наплата на побарувањата од физички лица – земјоделци.
Генерално, граѓаните се однесуваат коректно кон своите обврски кон претпријатието.
З.Б:Инвестиравте во нова опрема, го зајакнавте возниот парк на претпријатието во функција на хидросистемот. Што ќе значи тоа за одржувањето на хидросистемот и која ќе биде разликата од тоа како досега функциониравте?
Граматковски:Со сопствени финансиски средства е обновен возниот парк пред почетокот на сезоната за наводнување. ЈП „Стрежево” – Битола со набавката на 3 (три) теренски сандучарски возила, 3 (три) теренски возила на 4 погонски тркала, 1 (еден) трактор, приколка, мулчер и 10 (десет) мопеди ги зајакнува капацитетите, ќе ја зголеми ефективноста во работењето, ќе се овозможи рационално, навремено и континуирано санирање на дефектите во цевководната мрежа, а секако ќе придонесе во управувањето со расположивите водни ресурси и нивна заштита односно во подобрувањето на функционирањето на претпријатието во целина.
З.Б:Инсталиравте опрема за видео надзор на главниот канал, во која насока очекувате да се движат работите околу загубата на вода?
Граматковски:Со инсталирањето на опремата за видео надзор на главниот канал, со пуштањето во употреба на реновираниот и современо опремен Центар за динамичка регулација и видео надзор на објектите на ЈП „Стрежево”, како и подигнување на свеста на граѓаните за потребата од рационално користење на водните ресурси со кои стопанисуваме очекуваме да се намалат загубите на вода.
Анета Блажевска