Вести
Италијанците заинтересирани за македонско овчо бело сирење
Италијанците заинтересирани за откуп на дебарското овчо бело сирење кое се произведува на традиционален начин, а од неодамна сточарите од дебарско-жупанскиот регион го заштитија како посебна марка. Скендер Аме кој е еден од најдобрите произведувачи на квалитетно овчо сирење вели дека на саемот во Торино ова брендирано македонско сирење ги задоволило вкусовите на пребирливите италјани.
“Тие воодушевени беа од нашиот квалитет. Заинтересирани се, бараат да им испорачаме големо производство, но тоа ние не можеме сега да го направиме бидејќи не настапуваме заеднички. За тој голем пазар ни треба нам цела Македонија да се организираме од сите наши овци да го произведеме тоа овчо бело сирење за да се извезуваме надвор“ изјави Скендер Аме-претседател на здружение на сточари ,,Даши”.
Од Центарот за развој на југозападниот плански регион, каде меѓу 9-те општини спаѓаат и Дебар и Центар Жупа, велат дека интересот за ова сирење ги поттикна да превземат мерки, истото да се најде и на сите странски пазари.
“Откако ја направивме таа колективна трговска марка значително е зголемена продажбата на тоа сирење и интересот за тоа сирење.Ова е една од мерките што сме ги превзеле до сега и сега работиме ,бидејќи ова е на ниво на Македонија,сега работиме на меѓународно ниво да се добие таква марка за да можат и надвор од Македонија да извезуваат“ вели Мирјана Лозаноска-Центар за развој на југозападен плански регион.
Сега останува 60-те одгледувачи на овци од здружение на сточари ,,Даши” да почнат сирењето да го прават по ист традиционален рецепт,почитувајќи ги критериумите што треба да се земат предвид во текот на производството.Од сточарството убаво се живее, вели Аме а со помош на субвенциите што ги дава државата, сè поголем е интересот на сточарите кои ги зголемиле своите стада за 30%.
Во дебарскиот регион, кој има богати пасишта а некогаш броел околу 400.000 овци, сега со околу 40.000 грла овци, годишно се произведуваат повеќе од 350 тони сирење, познато по својот квалитет.