fbpx
Агро бизнисМакедонијаТоп вести

Земјоделската фирма на Бојан Стефанов во селото Аргулица дел од садниците за лозов и овошен насад ги извезува во Русија

Пандемијата ги натера земјоделските компании да користат современи алатки

Корона кризата ги натера земјоделските компании кои извезуваат свои производи и расади да ги користат компјутерите и апликациите за да имаат контакт со странските партнери. Земјоделската фирма на Бојан Стефанов во селото Аргулица, во општина Карбинци неколку години наназад,  дел од садниците за лозов и овошен насад ги извезува во Русија. 

Заради пандемијата потребните дозволи за извоз ги обезбедува со помош на зум апликацијата, преку која се поврзаа македонскиот и рускиот санитарен инспекторат и фитосанитарните лаборатории. Пред да се извезат садниците мораше на лице место да се земат мострите, а целата постапка се пренесуваше преку зум апликацијата. Од другата страна на компјутерот беа инспекторите од Русија.

-Тие откако ќе се испорачаат на нивна адреса, треба да направат анализи и доколку анализите по нивните критериуми задоволуваат, тогаш ќе бидеме во можност да ги испорачаме лозовите калеми, некаде околу 400000, вели Стефанов.

Неговата фирма има долгогодишен договор со руски партнер, каде што секоја година извезува големи количини  сортни лозови калеми. Поради пандемијата морале да ги користат современите алатки, а низ годините наназад нивните партнери доаѓале во Аргулица, каде што на лице место ги купувале лозовите и овошните садници.

-Ланската година, луѓето од Русија, кога немаше ковид криза беа на лице место, земаа мостри ги однесоа во Русија и мострите беа со одличен квалитет и ни дадоа дозвола, со што садниците ги испорачавме за Русија. Се надеваме дека и оваа постапка што ја правевме преку зум апликацијата ќе ги задоволи нивните критериуми, рече Стефанов.

Земјоделските компании имаат потреба од квалификуван кадар 

На површина од осум хектари во атарот на селото Аргулица, во општина Карбинци се наоѓа најголемиот расадник, за лозови и овошни садници во источниот и североисточниот регион. Стефанов вели дека фирмата „Агро Флора“ ја формирал пред неколку години. Произведува околу 700 000 садници од осум сорти грозје и неколку сорти  овошни дрвца.

-Повеќе години се занимаваме со производство на лозови и овошен саден материјал, имаме разни видови садници и лозови и овошни. Производството сега оди малку тешко, вели Стефанов.

Најголем проблем на овие земјоделски компании во земјава, според Стефанов е недостатокот на квалификуван кадар, кој знае да работи и произведува вакви расади, но како што вели засега се снаоѓаат и произведуваат квалитетни лозови и овошни садници.

-Потребно е да се инвестира во кавлификуван, стручен кадар. Потребно е некои млади деца да се школуваат и да дојдат тука кај нас, за практично да ги обучиме и да знаат, посочува Стефанов.

Прашан дали самите работат на нови сорти на овошни и лозови насади, Стефанов со одговор дека произведуваат согласно потребите на пазарот.

-Сето тоа што го произведуваме е под наздор на нашите институциите, како што се Земјоделскиот факултет во Скопје, потоа на Земјоделскиот институт, Агенцијата за храна. Работиме по нивни препораки, под нивни надзори и ги следиме трендовите за производство на нови сорти. Сето тоа, сега за засега го работеме, а како ќе оди понатаму, секако дека се надеваме оти ќе биде подобро,вели Стефанов.

Земјоделската компанија  на Стефанов садниците за овошни и лозови насади ги продава на домашниот пазар, но и во Русија.

-Со нашите партнери во Русија имаме исклучиво договорено извоз на трпезни сорти лозови насади. Таму кај нив не сакаат вински сорти. Додека тука во Македонија нема правило, која сорта, која година како би се трошеле садниците. Затоа ние работиме повеќе со претходно договорени партнери и количини и сорти, за да бидеме сигурни и ризикот да не ни биде голем, вели Стефанов.

 На осумте хектари земјоделско земјиште произведени се  700 000 лозови и овошни садници.

-Годишно произведуваме околу оваа бројка, а за годинава се надеваме дека ќе ги продадеме, во моментов имаме продадено од 60 до 70  отсто од садниците, имаме останато околу 30 отсто и се надеваме дека сезоната уште трае и е пред нас и ќе биде сето тоа продадено, рече Стефанов.

Забележува дека покрај тоа што продаваат расади на големите земјоделски компании и на земјоделците, секој граѓанин кој има интерес да подигне овошен или лозов насад може да ги посети и на лице место да си купи садници.

-Секој може да дојде кај нас во Аргулица, да си купи садници и ќе биде услужен, имаме повеќе сорти, имаме избори. Во нашиот регион, овде во Штипско и Струмичко сме ние и има уште една фирма во Свети Николе. Но, ние сме меѓу поголемите производители на саден материјал во Македонија, вели Стефанов.

Тој очекува годинава да извезе околу 500 000 садници во Русија, а секоја година ги следат потребите на домашниот пазар.https://nezavisen.mk/pandemijata-gi-natera-zemjodelskite-kompanii-da-koristat-sovremeni-alatki/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close