Избор на сорти на орев

За остварување на редовни и високи приноси треба да се изберат сорти со висока потенцијална родност и со кратка вегетација, т.е. сорти кои не страдаат од доцните пролетни, како и од раните есенски мразеви.

Одбраните сорти треба да бидат, колку што е можно, поотпорни на болестите и штетниците и, што е најважно, да даваат висококвалитетен плод од екстра или прва класа. Особено е важно во новоподигнатиот насад да се одберат сорти кои меѓусебно добро се опрашуваат. Тоа подразбира во насадот да има доволно квалитетен полен од почетокот на цветањето на женските цветови на најраната сорта, па до крајот на цветањето на најдоцната сорта.

Најпогодни сорти за нашите агроеколошки услови се:

ШЕЈНОВО – бугарска сорта. Има кратка вегетација. Плодот е среднокрупен (10-11 г) со овален облик, тенка лушпа, полна и квалитетна јатка. Рандманот на плодот изнесува околу 55%. Ова е средно бујна сорта отпорна на ниските зимски температури; релативно толерантна на болести, со погодни опрашувачи; редовно и обилно раѓа. Шампион – селекционирана сорта од Земјоделскиот факултет во Нови Сад. Има релативно кратка вегетација, дава среднокрупни до крупни плодови со просечна тежина од 13 г. Овошката е среднобујна и многу родна. Ова е протандрична сорта (машките и женските цветови цветаат во различно време), па затоа се потребни опрашувачи.

ТИСА– создадена во Нови Сад. Плодот е кру-пен (околу 15 г) со топчест облик. Рандманот на плодот изнесува околу 52%. Има изразено тенка лушпа. Сортата е рецемозна (во соцветието има 20 толчници од кои се заврзуваат 7 до 8 плода). Овошката е средно бујна со висок роден потенцијал.

ЧЕНДЛЕР – американска сорта. Во моментот ова е водечката сорта. Се карактеризира со многу квалитетен плод, ценет е од страна на консументите поради неговата изразено светла боја и високо квалитетна јатка. Ова е една од најродните сорти. Овошката е среднобујна. Во САД зафаќа 50% од вкупното производство. Добро се опрашува со сортата франкет.

ФРАНКЕТ – стара француска сорта. Се карактеризира со доцно започнување на вегетацијата што ја прави погодна за одгледување во реони со појава на доцни пролетни мразеви. Доцна ја завршува вегетацијата, па не е погодна за одгледување на места со повисока надморска висина. Оваа сорта има средна бујност и обилна родност. Женските цветови цветаат доцна и затоа се потребни соодветни опрашувачи. Плодот е среднокрупен (11-12 г), издолжен, со рапава лушпа. Јатката има убава светла боја. Негативна карактеристика на оваа сорта е нискиот рандман (околу 46%). Покажува извесна отпорност кон црната пегавост (Xanthomonas campestris pv. Juglandis).

Доколку овошките доволно подготвени влезат во зимското мирување, можат да поднесат и екстремни минимуми под -30°С. Што се однесува до температурата, ограничувачки фактор за одгледување на оревот се доцните пролетни мразеви. Ластарите, ресите и плодниците измрзнуваат на температури од -1,1°С. Затоа, при изборот на локацијата за одгледување на оревот треба да се внимава на овој ограничувачки фактор.

Штетите од доцните пролетни мразеви можат да се избегнат со садење на сорти кои подоцна ја започнуваат вегетацијата. Водата не е ограничувачки фактор, па затоа успева и во аридни (сушни) региони. Сепак, недостигот на вода во почвата, особено во летните месеци, негативно влијае врз развојот на овошките и врз квалитетот на плодот. Од тие причини, во нашите агроеколошки услови наводнувањето е потребно.

Овој овошен вид има добро развиен коренов систем кој успешно ја врши својата функција во различни почвени услови. Сепак, оревот најдобро успева на длабоки (над 1 м), растресити, пропустливи, умерено карбонатни почви со неутрална до слабо базична реакција (рН 7-7,5). Земајќи ги во предвид специфичните барања на оваа култура, за остварување на редовни и високи приноси проследени со висок квалитет на плодот, изборот на локацијата за подигнување на насад е од пресудно значење. Оревот може да се одгледува во интензивни (комерцијални) насади, потоа во полуинтензивни, екстензивни насади (за производство на плодови и дрвна маса) и во облик на шуми за производство на дрвна маса.

Share Button