fbpx
Агро бизнисБез категоријаВестиМакедонијаТоп вести

Какo да се заузди инфлацијата

Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, пак, вели дека ограничувањето на маржите на трговците е поправична одлука во однос на замрзнување на цените.

Стапката на инфлација во нашата држава е највисока од 1995 година наваму и е една од најголемите во регионот. Проекциите за во иднина не се оптимистички. Сѐ ќе зависи од тоа како ќе се одвива војната во Украина. Ако има брзо примирје, цените, веројатно, ќе се стабилизираат во втората половина на годината. Но ако војната продолжи, цените ќе продолжат да растат. Економските експерти велат дека трошоците за живот во април се повисоки од февруарските за четири отсто, што пренесено на годишно ниво е еднакво на инфлација од 24 отсто. Но како ефикасно да се интервенира за да се скроти инфлацијата?
Според поранешниот гувернер на Народна банка, Петар Гошев, клучно е да креираме соодветни политики за да ја намалиме зависноста од увоз на енергенти, за што треба повеќе време и да го зголемиме домашното производство на храна, за што е потребно помалку време.
– Сметам дека е тешко да се совладува инфлација генерирана од страната на понудата, особено ако ударот доаѓа преку, на краток рок, несупститутивни увозни канали и ако економијата, како нашата, е екстремно отворена спрема остатокот на светот. Обидот да се амортизираат растечките цени во секторите чија понуда е ограничена, преку намалување на цените на други места, ќе го забави вработувањето и, веројатно, нема да му даде поттици на приватниот сектор да ги редуцира тесните грла со кои се соочуваме – укажува Гошев.
Како што вели тој, Владата е таа што треба да работи на зауздување на инфлацијата преку зајакната фискална дисциплина. Според него, мерките на НБРМ засега се доволни, натамошно затегање на кредитирањето само ќе ја намали економската активност и ќе влијае рецесиски. Но Владата затоа не смее да генерира поголеми расходи во услови на намалени приходи.
– Инфлацијата не ги погодува сите еднакво, најмногу страдаат најсиромашните и Владата може да го реши тоа со разумна фискална политика. Во овој момент само тоа е клучот за намалување на инфлаторниот притисок – додава Гошев.
Тој споменува дека решението или ублажувањето на овој проблем – инфлација генерирана од страна на понудата – особено од две групи увозни производи, треба пред сѐ да се бара во домените на индустриската политика, која ја немаме, и на фискалната, чиј капацитет го јадат корупцијата и популизмот.
– Индустриската политика треба да генерира повеќе домашни капацитети за енергија, што бара повеќе време, како и повеќе домашна храна, што бара помалку време. Фискалната политика, во отсуство на првото, може само да го ублажува инфлаторниот удар преку субвенции, компензации, привремени даночни и царински олеснувања, но тоа (поради слабиот капацитет) е „капка во морето“ – истакнува Гошев.
Според Бранимир Јовановиќ, истражувач во Виенскиот институт за меѓународни економски студии, Владата треба да се врати на контролирање на цените на храната и горивата, за да спречи ескалација на инфлацијата.

– Сметам дека требаше да продолжи мерката за замрзнување на цените на прехранбените производи во март. Требаше да се замрзнат цените на горивата, како што направија некои земји од регионот, па и од ЕУ. Доколку се замрзнеа и горивата, заедно со храната, инфлацијата веројатно ќе беше половина од ова што го гледаме сега. Замрзнувањето на цените на горивата е уште пооправдано од замрзнувањето на цените на храната, затоа што со тоа практично се даночат само неколку големи фирми од нафтениот бизнис, кои се меѓу најпрофитабилните секоја година. Нафтените деривати се и инпут во производството за многу други производи, па со нивното замрзнување спречувате да поскапат и другите производи – вели Јовановиќ.
Претседателот на Собранието на Организацијата на работодавци на Македонија, Ангел Димитров, пак, вели дека ограничувањето на маржите на трговците е поправична одлука во однос на замрзнување на цените.
– Замрзнувањето на цените во услови кога имаме раст на цените на влезните суровини ги доведува во многу неповолна положба производителите. Во такви услови, производителите на подолг рок се принудени да го намалуваат производството на овие производи и да го зголемуваат производството на други производи од нивната палета што немаат ограничени цени. Ова може да доведе до недостиг од некои производи на пазарот – посочува Димитров.
Тој објаснува дека, за разлика од замрзнувањето на цените, замрзнувањето на трговските маржи на големо и мало ќе доведе до намален профит на трговците, но производителите ќе можат своите продажни цени да ги зголемат во согласност со зголемувањето на влезните трошоци за суровини и енергенти.https://www.novamakedonija.com.mk/ekonomija/kako-da-se-zauzdi-inflacijata/

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close