fbpx
ВестиТоп вести

Изумира навиката на битолчани да свртат една волта низ Градскиот пазар?!

Пазарџиите кои повремено доаѓаат да ги продаваат своите земјоделски производи на пазарите во Битола не сакаат да ја плаќаат  редовно закупнината за тезга.  Иако паушално им се одредува износот  тие даваат отпор кога треба да си ги подмират обврските кон ЈП Пазари-Битола, вели првиот човек на ова општинско претпријатие Владо Атанасовски. На пример, ако земјоделецот дошол на пазарот со 100 килограми јаболка, кои ги продава по цена од 10 денари за килограм, дневно треба да плати паушал за закупнина на тезгата од само 60 денари, но и тоа не го прави.  Што се однесува до трговците тие сериозно си ја сфатиле обврската и редовно си ги подмируваат таксите кон ова јавно претпријатие. На пазарот во Битола во последните години доминираат трговците, за разлика од порано кога најчесто своите производи ги продаваа самите земјоделци.

-Проблем со наплатата има. Тие што се на пазарот секој ден редовно си ги исполнуваат обврските кон нас, но другите кои доаѓаат повремено едноставно не сакаат да плаќаат дулие. Немаат оправдување. Не знам како било во изминатите години, но откако сум јас директор без оглед дали е во Градскиот пазар или во Реонскиот пазар нема пазарџија кој без договор чува тезга. Договорите за закуп ги направивме на почетокот на годинава и наидовме на отпор од страна на тезгаџиите. Во минатото се практикувало да користат тезга без договор, но сега нема таков случај.  Пазарџиите имаат право да земат тезга месечно, односно да плаќаат паушално. Такса или народски кажано дулие плаќаат пазарџиите кои ја резервирале тезгата, тоа се најчесто производители на зеленчук или овошје. Тие плаќаат само 6 проценти од вредноста на изложената стока, вели Атанасовски , додавајќи дека за неплаќачите ЈП Пазари ги извесува Комуналната и Пазарната инспекција како и полицијата.

Многумина од нас кои пазаруваме на зелените пазари во Битола сме забележале дека покрај една тезга се поставени уште неколку други помошни, пониски тезги каде трговецот  ги изложува своите производи. Па неретко коментираме дека тие мали диви тезги го окупираат просторот каде што треба да помине купувачот.

Ваквата состојба на окупирање на просторот за минувачите и поставување на помали тезги на самите приоди е проблем и за  јавното претпријатие.

-Трговците и продавачите инсистираат да закупат тезга која е фронтално поставена и е на главните позиции во пазарот, мислејќи дека така ќе имаат поголем промет. Но, не само тоа, околу закупената тезга поставуваат помошни елементи каде ја изложуваат робата и го заземаат просторот за муштериите. Добар  дел од нив сакаат да го платат  тој простор, ама нас не ни е тоа целта, зошто мора да има доволно простор и за минување и разминување на купувачите. Нашите вработени тука реагираат , додадените тезги да се отстранат, ама само што ќе заминат, трговците повторно го узурпираат патот. Тука немаме меѓусебно разбирање, вели Атанасовски.

Но, фактите велат дека од година во година се намалува  бројот на пазарџии, односно на закупени тезги во двата пазари во Битола. Помладите генерации немаат навика да пазаруваат на отворените пазари, туку во супермаркетите. Од година во година навиките се менуваат.

-Повозрасните се уште ја имаат навиката  да пазаруваат на отворените зелени пазари, дури и гастербајтерите кога ќе дојдат во Битола прво што прават го обиколкуваат пазарот или на битолски кажано да „свртат една волта“. Младите како што врви времето не ја практикуваат таа навика, полесно им е да купуваат од супермаркетите иако не го имаат истиот избор на свежи производи, сепак на пазар не доаѓаат. Така од година во година се намалува бројот и на продавачи и на купувачи на зелените пазари, констатира Атанасовски.

Но, иако битката не е лесна ЈП Пазари минатата година во неколку наврати организираше саеми за здрава храна на отворено , каде еден дел беше посветен на најмладите и нивната едукација како да практикуваат пазарување на зелените пазари, како да се хранат со свежи земјоделски производи и да купуваат органски произведени зеленчук и овошје.

Едукативни работилници се организираа и со основните училишта во градот, а за скоро е планирана и таква работилница за штитениците од  Завод за рехабилитација за деца со оштетен слух-Кочо Рацин од Битола.

Меѓутоа, тука се наметнува и еден друг проблем колку менувањето на навиките на помладата генерација да пазарува на Градскиот зелен пазар во Битола е допрена и со проблемот –недостаток на паркинг простор. Најголем дел од големите маркети во Битола имаат сопствен паркинг  што е причина плус за пазарување кај нив, додека во централното градско подрачје во Битола недостасува, и се бара паркинг место повеќе. Директорот на ЈП Пазари, Атанасовски се согласува дека паркирањето е проблем , но како што напоменува тоа ги засега не само купувачите туку и самите  продавачи на земјоделски производи.

-Проблем со паркинзите имаме, не само кај купувачите туку и кај самите трговци. Речиси секој ден имаме поплаки од страна на продавачите на зелениот пазар, бидејќи бараат да си купат месечен билет за паркирање од Градски паркинзи, а тие не им  даваат, им велат дека местата за паркирање се зафатени. Истата слика е и со купувачите, и да сакаат  да паркираат околу пазарот тешко се  наоѓа паркинг место, и накрај се откажуваат. Значи решението го гледаме во нови паркинзи, што и генерално е проблем за градот, вели Атанасовски.

За разлика од Градскиот зелен пазар во Реонскиот пазар во Нова Битола паркирањето не е проблем, ама и таму трговците кои продаваат стока на паркингот изложена во гепекот на автомобилите или во камиони, буквално како на бурлеска филмовите бегаат од наплатувачите само за да не си ги платат обврските кон ЈП Пазари.

 

Анета Блажевска

за Зелена берза

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close