Четирите кланици во Гостивар, Ново Село, Струмица и Кавадарци од декемврискиот извоз на јагниња ќе остварат над 10 милиони евра.
Иако се уште не се средени податоците од извозот на јагнешко месо во Италија и во Хрватска за католички Божик, четирите кланици во Гостивар, Ново Село, Струмица и Кавадарци имаат извезено над 20.000 јагниња и од декемврискиот извоз на јагниња ќе остварат над 10 милиони евра. Гостиварската кланица „Горни Полог ГВ“ за десетина дена пласираше над 4.000 шарпланински јагниња во Италија и од оваа извозна зделка „тешка“ околу 400 тони јагнешко месо ќе има девизен ефект од околу два милиона евра.
„Задоволни сме од остварениот извоз, но не и од постигнатата цена. Во зависност од класата на јагнето, која се одредува според тежината на заклано јагне без глава и внатрешни органи, за јагне од прва класа тешко од 7 до 9 килограми, цената изнесуваше 5,70 евра, за втора 5,30, а за трета класа 4,80 евра за килограм“, вели Русе Стефановски, еден од сопствениците на гостиварските кланици.
Поради топлото време сточарите стадата овци ги напасуваа по нивите, не штедејќи храна, па јагнињата беа мошне крупни. Во споредба со претходните извози во декември, кога 70 отсто од откупените и пласирани јагниња припаѓаа на прва класа, 20 на втора, а само 10 отсто на трета класа, годинава околу 50 проценти од откупеното јагне отпаѓаше на прва класа.
Гостиварските сточари не се задоволни од откупната цена на живо јагне, која се движеше меѓу 150 и 160 денари килограм. „Годинешната откупна цена на живо јагне за декемврискиот извоз беше најмала во последниве десетина години, кога изнесуваше меѓу 180 и 200 денари“, вели сточарот Афмет Мемеди.
За новогодишните и божикните празници „Горни Полог ГВ“ ќе го снабди домашниот пазар со доволни количини квалитетни шарпланински јагниња, чија продажна цена изнесува 320 денари за килограм.