fbpx
Вести

Извозот на јагнешко во тек, досега извезени над 14 илјади јагниња

jagne

Од почетокот на годинава досега, на традиционалните пазари италијанскиот, грчкиот, хрватскиот, како и на пазарите во Црна Гора, Хрватска, соседна Србија и Бугарија извезени се вкупно 14.224 јагниња, односно 152.334 килограми јагнешко месо. Во претстојниот период се очекува интензивирање на извозот, а сточарите и годинава се справуваат со ниската откупна цена

Извозот на јагнешко месо на странските пазари е во тек и се одвива без никакви проблеми. Од почетокот на годинава досега, на традиционалните пазари италијанскиот, грчкиот, хрватскиот, како и на пазарите во Црна Гора, Хрватска, соседна Србија и Бугарија извезени се вкупно 14.224 јагниња, односно 152.334 килограми јагнешко месо. Во претстојниот период се очекува интензивирање на извозот на македонското млечно јагне пред претстојниот празник Велигден, кога традиционално од земјава се извезуваат најголемите количини јагнешко месо, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.

Производителите и преработувачите се едногласни дека македонското јагне ги задоволува европските и светските стандарди, а месото е со висок квалитет и затоа е многу барано на странските пазари. Меѓутоа, сточниот фонд во земјава се намалува, а земјоделците причината за тоа ја гледаат во ниските откупни цени, додека за кланичарите проблем е што никој не сака да чува овци. Според нив за зголемувањето на фондот на овци во земјава неопходно е откупната цена на јагнешкото да биде 150 денари преку целата година и 220 за празници.

Годинава прва класа јагниња до 20 килограми се откупуваат по цена од 120 денари за килограм, втора класа од 20 до 25 килограми за 110 денари и трета класа од 25 до 27 килограми по цена од 100 и 90 денари за килограм.

Според Риза Мемишоски, сточар од село Канатларци, Прилепско причината за намалување на бројот на јагниња е ниската откупна цена, поради која секоја година се намалува бројот на сточари кои се откажуваат од чување овците.

– Имам околу 600-700 јагниња и планирам сите да ги продадам, а ако се задржи оваа откупна цена и в година планирам и овците да ги продадам бидејќи не можам да ги покријам трошоците за храна, вели Мемишовски и додава дека откупна цена ја диктираат домашните трговци и земјите кои го откупуваат македонското јагне.

Откупувачите тврдат дека македонското јагнешкото месо е со висок квалитет поради што е и многу барано на странските пазари. Поради тоа потребно е да се зголеми сточниот фонд во земјава, за да може покрај традиционалните купувачи на јагнешко месо, да се опслужат и други пазари.

Годишно од Република Македонија се извезуваат во просек по 270 илјади јагниња.

Минатата година извезени беа 224.014 јагниња или 2.441.220 килограми јагнешко месо на пазарите во Италија, Грција, Хрватска, Црна Гора, Бугарија, во Србија, Германија и на пазарите во Босна и Херцеговина и Австрија.

Иако најголемиот дел од јагнешкото околу 85 отсто ќе заврши на странските пазари, дел ќе остане и на домашниот пазар. Државата од оваа стопанска дејност бележи девизен прилив од 11 до 15 милиони евра годишно.


 

вечер

Тагови

Слични написи

Back to top button
Close