Јадеме безбедно месо
Во Македонија не се забележани поголеми отстапувања на безбедносните критериуми за месо, тврдат од Агенцијата за храна и ветеринарство, откако хрватските власти, минатата недела во Далмација повлекоа 4.552 килограма месо на кое не биле направени контроли пред да се пушти во промет.
Од АХВ објаснуваат дека се прави постојана контрола и на домашното и на месото од увоз. Увозните месо и преработки, велат од АХВ, може да влезат во земјава само ако потекнуваат од регистрирани и одобрени објекти за извоз и ако се проследени со соодветна документација со која се гарантираат потеклото и безбедноста.
Хрватското министерство за земјоделство соопшти дека во повеќе месарници во Далмација се продава месо од животни што не биле контролирани ниту пред колењето ниту пред носењето на месото во малопродажба, а не бил направен ниту тест за трихинела.
“Преку воспоставениот интегриран систем на контрола, инспекциските служби на АХВ вршат континуирана контрола на пазарот со масо и месни преработки и подготовки. Од официјалните ветеринари редовно се контролираат домашното производство и увозот. Врз основа на досега извршените контроли, генерално, состојбата на домашниот пазар задоволува, било да станува збор за месо, производи и подготовки од месо од домашно производство или од увоз, односно со инспекциските контроли не се забележани поголеми отстапувања во поглед на нарушување на безбедносните критериуми”, ни рекоа од АХВ.
10 000 евра казна за небезбедните димени месни производи
Според АХВ, и покрај контролите, секогаш има можност небезбедни производи со непознато потекло да се појават на пазарот. Последниот ваков случај, велат од АХВ, беше во март годинава, кога Агенцијата за храна и ветеринарство во месарница во скопската населба Ново Лисиче заплени и уништи 100 килограми небезбедни чадени месни производи и спречи да стасаат до крајниот потрошувач. Небезбедните димени производи во овој случај потекнуваа од несоодветен, нехигиенски и неодобрен објект за производство во скопското село Ајватовци. Таму, со извршените дополнителни контроли, беа најдени и неколку стотини килограми небезбедни димени месни производи и други преработки од месо, кои веднаш беа уништени. Нелегалниот објект беше затворен, а на сопственикот му беше изречена парична казна во висина од 10 000 евра.