Советот на Општина Могила прогласи природна непогода за штетите од невремето

(Oвој напис е објавен на: July 10, 2018)

Советот на Општина Могила на денешната седница на Совет во шест села прогласи природна непогода заради последиците од невремето ова лето кога пороен дожд и град со големина на орев направи значителни штети на посевите. Настрадаа нивите со жито, тутун, пипер и бостан.
Поради невремето што пред дваесеттина дена ги зафати а селата Могила и Радобор и невремето од минатата сабота кога настрадаа посевите во селата Српци, Беранци, Вашарејца и Ивањевци, Советот на општина Могила на денешната седница на Совет формира Комисија за елементарни и природни непогоди која ќе ги врши проценките на штетите изјави за „Зелена берза“ претседателот на Советот на општина Могила, Александар Јанкуловски. Според него само Владата е таа што прогласува елементарна непогода, а не и општините.


Јанкуловски вели дека советниците во Советот на општина Могила без оглед на партиската припадност сите 11, едногласно донесоа одлука да се формира Комисијата за елементарни и природни непогоди и да им се надоместат штетите на земјоделците.
– Сите 11 советници едногласно, во Советот на Општина Могила денеска донесовме одлука дека од невремето причинета е природна непогода во атарите на шест села. Ние како Општина формиравме само Комисија за елементарна и природна непогода и истата ќе излезе на терен да врши проценка на штетите колку се оштетени земјоделските култури и на колкави површини. Исплатата ќе ја вршат надлежните државни институции во согласност со Министерството за земјоделие-изјави Јанкуловски.
Според него во невремето што во јуни ги зафати селата Могила и Радобор уништени се 35-36 хектари насадени со пипер домати, жито и тутун. Поднесени се 188 барања од земјоделци чии штети по нивите се од 70-80 проценти, а кај јачменот и до 90 проценти. -Комисиите за проценка на штетите излегоа на терен и сега за обештетување се чека Бирото за судско вештачење кое ќе ја направи завршната проценка, рече Јанкуловски.


Што се однесува до штетите што ги предизвика градот во саботата попладне во селата Српци, Беранци, Вашарејца и дел од атарот на селото Ивањевци, Општинската комисија за проценка на штетите работи на терен, а земјоделците чии посеви беа оштетени треба да поднесат пријави и да ги комплетираат документите за обештетување.
-Во последното невреме имаше штета врз родот на 100 хектари земјоделско земјиште, најмногу настрадаа земјоделците од Српци каде се уништени 40 хектари од посевите со пипер и тутун и тоа до 80 проценти , а на помали површини штетите се и до сто проценти, наведува Јанкуловски.
Земјоделците од погодените села веќе ги подготвуваат документите со кои ги пријавиле парцелите во Министерството за земјоделие и ги чекаат проценителите на терен. Тие велат дека тутунот е дотолку уништен што веќе го туркат на земја и не го ставаат во кошниците за нижење. Штетите се големи и кај пиперот и житните култури.
Вчера попладне повторно пороен дожд го зафатил реонот на Општина Могила, врнело околу три часа, но за среќа без град.
„Зелена берза“

Share Button