Голем дел од сточарите од полошкиот регион одлучија оваа година за време на велигденските празници да не ги продадат јагнињата. Велат дека се соочуваат со најниска откупна цена која се движи од 120 до 130 денари за килограм. Со оваа цена подобро да не ги продадеме.
-Оваа година е најлоша досега. Нема цена на јагнињата. Таа се движи од 120 до 130 денари. Во Македонија е најлошо за сточарите. Се мачиме со стоката. Немаме никаква математика. Од кланиците ни ги откупуваат јагнињата за 2 евра, а тие потоа во западните земји ги продаваат за 8 евра. Трошоци се големи. Имав 400 овци, ама сега бројката се намалува. Не ми се исплати да ги чувам , како што оди работава ќе го продадам цело стадо и ќе се ослободам од нив, рече Зијадин Зендулаи сточар од Шарпланинското село Селце.
Реџеп Емурлаи од село Бозовце, пред неколку години се вратил од Швајцарија. Вели дека му остануваат уште неколку години пред пензија, па сакал да се врати во својот роден крај и да се посвети на сточарство, гранка со која порано се занимавал поради местоположбата на селото, кое нуди одлично услови за сточарство, големи пасишта, вода чисти воздух. Но кога дошол во Македонија се разочарал. Видел доста неправди посебно со доделувањето на субвенциите.
-Има доста луѓе кои не се сточари, односно не чуваат овци а земаат субвениции, а ние вистинските сточари не земаме субвенции. Тие треба да се даваат тогаш кога им треба на сточарите. На пример на есен да се купи на пример храна за овците. Многу лоша политика, рече сточарот Реџеп Емурлаи.
И од Сојузот на земјоделци, потврдуваат дека има манипулации со субвенциите. Велат дека реално во Македонија има едвај 4000 000 овци, а се зема субвении за 700 000.
-Изгледа се даваат субвенциите за да има криминал во оваа дејност. Еве ќе ви кажам еден податок во Тетово има околу 20 000 овци, а за Тетово се даваат субвенции за 65 000 овци, рече Меѓит Амити потпретседател на Сојузот на земјоделци.
Тој додава дека нашата држава беше лидер во регинот по сточарската гранка, а сега сме последни. Бара државата да преземе сериозни мерки за да ја спаси оваа дејност.
-Србија порано имаше 100 000 овци, а сега има 4 милиони овци а ние имавме 2 милиони овци а сега имаме 400 000 овци. Ама во Србија субвенција за една овца е 45 евра, а кај нас е 15 евра и којзнае и тие дали ќе ги земеш. Треба во овие министерства што се занимаваат со земјоделие и сточарство да се стават лица кои ја знаат работата, а не на пример човек од спорт ставаат во Министерство за земјоделие. Дали гледаат овие од министерство што се се случува, играат мајтап со сточарите кои не можат да најдат овчар цената на сирењето е дваесет години иста околу 250 денари, волната порано ни ја откупуваа па со неа сме ги плаќале работниците, а сега треба да ја фрламе и за една овца да ја истрижиш треба да платиш 50 денари, катастрофа, додава Амити.
Тој смета дека треба да се укине и забраната за извоз на жива стока која е воведена уште во поранешна Југославија, поради појава на болеста шап и лигавка. Сега таква болест нема одамна појавена, а забраната се уште стои на штета на сточарите. Тие не можат да ја продаваат стоката жива надвор од нашата земјата, јагнето го даваат на четирите кланици кои како монопол ја диктираат цената
Зоран Димовски