Јанев: Состојбата во земјоделието е неодржлива, гласот на земјоделците не се слуша
Години наназад имаме откупни политики кои што се дестимулативни и кои во најголем дел на житни култури, на тутун и не ги покриваат основните трошоци
„Состојбата во аграрот во Македонија е повеќе од алармантна практички неодржлива. Значи години наназад имаме откупни политики кои што се дестимулативни и кои во најголем дел на житни култури, на тутун и така натаму не ги покриваат основните трошоци и практички земјоделците се доведени во ситуација која нуди загуба во супстанца. Односно вложени трошоци повисоки од она што може да се добие преку откупните цени на тие производи“, истакна Ставре Јанев, претседател на синдикатот за земјоделци, во утринска емисија на Алфа телевизија.
Јанев додаде дека тоа резултира со тоа што 50% повеќе од обработливата површина на ниво на Македонија е необработено поради лошата состојба во земјоделието.
„Масовното напуштање на младите од селата и обработката на земјиште е исто така еден момент кој загрижува и кој бара час поитно да се направи одредена стратегија која ќе овозможи опстој на земјоделците во Република Македонија. И со тоа повторно да се врати интересот на луѓето да се занимаваат со земјоделие. Субвенциите се катастрофални, ние имаме многу често на одредени телевизии или одредени луѓе кои пак ќе речам не ги знаат добро состојбите во земјоделието говорат дека се даваат големи субвенции во земјоделието. Но, не е точно, оваа година нели преку буџетот се намалуваат исто 50 милиони имаше 150 милиони, за 2020-та се предвидени 100 милиони што е катастрофа“, наговести Јанев.